Во Автокоманда ќе се решава сообраќајниот хаос со еднонасочен сообраќај

113

Општина Гази Баба утре почнува со јавна презентација на студија која треба да го реши проблемот со сообраќајниот хаос во населбата Автокоманда.

– Подготвивме сообраќајна студија со која доаѓаме до решение на овој проблем преку воведување на еднонасочен сообраќај на улиците „Јани Лукровски“ и „Лазар Поп Трајков“. Со тоа ќе се олесни протокот на возила при влезот и излезот од населбата. Студијата дава предлози за нови паркиралишта во населбата, нова сообраќајна хоризонтална и вертикална сигнализација. Пешачките патеки ги ослободуваме од возила, а ја зголемуваме и безбедноста на граѓаните со воведување на ЗОНА 30 – вели градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Тој вели дека овој предлог не е конечен и дека одлуката ќе ја донесат граѓаните од населбата Автокоманда, од каде веќе има предлози на социјалните мрежи.

– Наместо да правите еднонасочни улици, потрудете се да нема потреба да проаѓаат толку возила низ населбата. После 17 часот веќе нема гужва, размислете малку подобро што е проблемот, не само да им го комплицирате животот на жителите на населбата  – вели Андреја Наумовски.

За Филип Трајковски, сообраќајниот хаос во Автокоманда го создава петелката која треба да се направи по принципот на детелинката на Бит-пазар, да се извадат семафорите и да се сменат правците.

– Треба да се изгради булеварот „Хрватска“ и да се реши проблемот на Автокоманда, а не да вртиме крукчиња за да дојдеме до дома. Најдобро е зонско паркирање, па да не ни се паркираат сите вработени од Алкалоид, ЈСП, Европа, Пивара – вели Снежана Павлова.

(С.Бл.)