Во автобуска несреќа во источна Турција загинаа 17 мигранти, 50 се повредени

115

Седумнаесет лица загинаа, а 50 се повредени откако автобус во кој се превезувале мигранти се преврте во турската источна провинција Ван, соопшти гувернерот на провинцијата Мехмет Емин Билмез, цитиран од државната агенција Анадолија.

Агенцијата ДПА пренесува дека минибусот со мигрантите се спуштал по рид и влетал во река во близина на населбата Ерчек, во областа Ипекиолу, на околу 60 километри од границата со Иран.

Гувернерот Билмез изјави дека турскиот возач, исто така, починал, додека националноста на останатите патници не е позната.

Тој додаде дека повредените биле пренесени во неколку болници во градот Ван.

-Седуммина од повредените се наоѓаат на интензивна нега. Со божја волја, бројот на жртвите не очекуваме да расте, додаде Билмаз.

Државната телевизија ТРТ сподели видео снимка од луѓе кои се расфрлани околу бел минибус и спасувачи како носат ранети и мртви тела.

Градот Ван се наоѓа на рутата на мигрантите од Авганистан, Пакистан и Бангладеш, на нивниот пат кон Европа, наведе ДПА.