Владата им даде рок на концесионерите на ловните друштва во државата во рок од 10 дена да извршат отстрел на 50 отсто од дивите свињи, а во ловиштата каде што нема концесионери ќе биде вклучена војската. Наградата за застрелана дива свиња е 1.000 денари, а за заклана свиња на домашно одгледувалише граѓаните ќе добијат надомест од 3.000 денари. На ниво на држава има 8.000 диви свињи, што значи дека за овие 10 дена треба да бидат отепани 4.000 диви свињи.
Вицепремиерот за еконосмки прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека државата ќе преземе радикални мерки да се справи со оваа болест, бидејќи во спротивно како што рече штетите врз економијата би биле над 100 милиони евра.
Тој апелираше до ловните друштва да извршат отстрел на 50 отсто од дивите свињи низ Македонија, а на домашните одгледувачи да ги заколат свињите.
– Секој ловец кој што ќе отстрела дива свиња ќе добие награда од 1.000 денари. Во оние ловишта во кои нема концесионери, а тие се на граничните премини со Бугарија и Србија им се даде налог на Министерството за одбрана и на Генералштабот на АРМ да подготват акционен план во рок од три дена и да помогнат во истребувањето на диви свињи со цел да се намали ризикот од пренесување на болеста, изјави Анѓушев.
Тој појасни дека во регионите каде ловните друштва нема да можат да го извршат отстрелот, тоа ќе го стори војската.
Одгледувачите на свињи кои се чуваат во домашни услови и кои немаат биосигурносните мерки ќе добијат налог животните да ги заколат. Оние кои ќе го направат тоа ќе добијат надомест од 3.000 денари и ќе можат да си го искористат месото доколку е здраво, додаде вицепремиерот.
Владата за овие превентивни мерки планира да потроши околу 65 милиони денари.
Меѓу другите владини мерки за спречување на болеста се и забрана на трговија со жив добиток, засилени контролите за внес на сувомесни производи, отстранување на свињите кои се хранат на депониите.
Министерот за земјоделство, Трајан Димковски во врска со тоа зашто откако е донесено решението за вонреден лов на диви свињи досега е застрелана само една, рече дека е сезона на годишни одмори и оти редовниот лов почнува дури на 1 ноември.
-Оставивме простор од 20 дена да видиме како ќе делуваат ловните друштва. Ова беше ставено на доброволна основа на ловните друштва, но сега тие имаат конкретна обврска, односно рок тоа да го направат. Ние ќе ја следиме динамиката на лов во ловиштата и ќе видиме дали ќе успеат да отстрелат 50 отсто или ќе има потреба од ангажирање на војската, истакна Димковски.
Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство во државата 18.000 свињи се одгледуваат без соодветни биосигурносни мерки, а над 100.000 во фарми. (А.С.)