Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Војдан Стојановски, потпиша за актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром.

Иако ова се „шушкаше“ со месеци, сепак, денес добивме официјална потврда од клубот, кој ја инфомира јавноста дека долгогодишниот македонски репрезентативец ја прифатил понудата и ќе го носи нивниот дрес до крајот на актуелната сезона.

За Војдан ова воедно е враќање на домашната сцена по повеќе од една деценија и тоа по епизодите кои ги имаше во Украина, Германија, Шпанија, Турција и Франција каде настапуваше за тимови од првите лиги.

Во иднина Војдан ќе настапува заедно со својот брат-близнак, Дамјан Стојановски, кој долги години е капитен на МЗТ Скопје, а воедно ќе имаат задача да го вратат тимот во Првата АБА лига.

Инаку, пред неколку дена тимот од Аеродром го ангажираше Морис Кари како замена за Дастин Вер, кој го напушти клубот во текот на зимската пауза.