Вонреден инспекциски надзор во нестандардна депонија за комунален отпад Шапкар во с.Добрашинци во Василево

48

Од страна на Државен Инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина-Вардарски и Југоисточен регион, Канцеларија Струмица (Општина Василево нема локален инспектор за животна средина во чија надлежност е палење отпад), извршен е вонреден инспекциски надзор на ден 31.05 во нестандардна депонија за комунален отпад ШАПКАР с. Добрашинци Василево, и со Записник е констатирано следно:

*На нестандардна депонија за комунален отпад ШАПКАР с. Добрашинци Василево во близина на чуварската куќа од комунален отпад излегува мала количина на чад, отворен оган нема, комуналниот отпад од кој излегува чад се распрскува со вода која со систем на цевки е спроведена од хидрант на Водостопанство Струмица до комуналната депонија.

*Комуналниот отпад на депонијата на некои места е порамнет, а на некои места има поголеми количини на комунален отпад на кои треба да се покрие со слој земја и да се изврши порамнување.

*Депонијата ШАПКАР во с. Добрашинци Василево е оградена со метална мрежа и има чуварска служба.

За утврдените недостатоци со записник од 31.05.2022 година на Јавно претпријатие за комунални дејности КОМУНАЛЕЦ Ц.О Струмица издадено е Решение од 03.06.2022 година како втор акт во инспекциска постапка со задолженија да ги преземе следните мерки:

1️⃣Отпадот на депонијата ШАПКАР с. Добрашинци Василево целосно да се изгасне, да престане ширењето чад во животната средина. Рок за извршување на изречената инспекциска мерка е 3 (три) дена од денот на приемот на решението.

2️⃣Управувањето на отпадот да се изведува со должно внимание и на начин со кој се избегнува загрозување на животната средина, животот и здравјето на луѓето, загадување на медиумите на животната средина и создавањето на непријатна миризба, при што треба да се преземат следните мерки:
– Порамнување на комуналниот отпад и покривање слој земја врз порамнетиот комунален отпад.

Рок за извршување на изречената инспекциска мерка 30 (триесет) дена од денот на приемот на решението.