„Сите гости кои беа најавени нема да можат да присуствуваат на фестивалот. Една од причините е финансиска, скратени се средства по разни основи, вклучувајќи и редуцирана публика, меѓутоа се работи и за големи ограничувања во патувањата. Меѓутоа од тие клучни артисти што беа во програмата е Силвија Перез Круз, а останатите ќе бидат дополнително објавени поради последните случувања во Европа и некои нови мерки врзани за патувања. Поради сето ова ќе објавиме дополнително и колку концерти ќе има. Невозможно е тие да бидат ден за ден, но во секој случај ќе бидат во ноември“, вели за весникот ВЕЧЕР, Оливер Белопета, директор на Скопскиот џез фестивал во чија организација е и ОФФест. Тој додава дека ОФФест нема да биде прикажуван на телевизија, но е можно да биде претставен онлајн, за што јавноста дополнително ќе биде известена  

 

Со најновиот проект „Фарса“ кој на волшебен начин ги комбинира музиката, театарот, филмот, танцот, сликарството, фотографијата и поезијата, фасцинантната каталонска пејачка Силвија Перез Круз на 3 ноември во Филхармонија ќе го отвори 19. издание на ОФФест. Овој наш најголем и најзначаен фестивал на музиката на светот требаше да се одржи првично од 2 до 6 јуни, но беше одложен поради пандемијата. Иако условите во меѓувреме не се подобрени, туку  напротив, сепак, предвидените концерти, според организаторите е планирано да се одржат во рамките на фестивалот. На радост на фановите, неофицијално, публиката би требало да проследи настапи на три странски и еден македонски изведувач.

„Сите гости кои беа најавени нема да можат да присуствуваат на фестивалот, на пример африканските музичари не може да патуваат. Друга причина е и финансиска, скратени се средства по разни основи, вклучувајќи и редуцирана публика, меѓутоа и големи ограничувања во патувањата. Меѓутоа, од тие клучни артисти што беа во програмата е Силвија Перез Круз. Останатите ќе бидат дополнително објавени поради последните случувања во Европа и некои нови мерки, поради што ќе мора да направиме прегрупирања. Поради тоа ќе објавиме дополнително и колку концерти ќе има. Невозможно е да бидат ден за ден, но во секој случај ќе бидат во ноември“, вели Оливер Белопета, директор на Скопскиот џез фестивал во чија организација е и ОФФест. Тој додава дека Оффест нема да биде прикажуван на телевизија, но е можно да биде претставен онлајн, за што јавноста дополнително ќе биде известена. Во секој случај, организаторите и овој пат посочуваат дека несомнено, нè очекува уште едно извонредно квалитетно, музички раскошно и возбудливо издание на ОФФест.

Инаку, Силвија Перез Круз, чиј настап е потврден, е еднакво позната во џез, фадо и во фламенко круговите, која со текот на годините прерасна во исклучителен музички раскажувач. Растела во музичко семејство, изучувајќи џез пеење, пијано и саксофон. За време на студиите во Барселона, заедно со три пријателки, ја формира фламенко групата Las Migas, којашто добива сериозно внимание и огромна популарност низ цела Шпанија. Нејзината соло кариера, пак, започнува на 27-годишна возраст, компонирајќи своја музика и развивајќи индивидуален стилски израз.

Пее претежно на шпански, каталонски и португалски, а има соработувано со артисти како Joan Manuel Serrat, Jorge Drexler, Natalia Lafourcade, Gino Paoli, Javier Colina, Hamilton de Holanda, Rocío Molina, Toquinho, Marco Mezquida, Raül Refree и многу други. Зад себе има 6 албуми, од кои два станаа „златни“ (“11 de Novembre” и “Granada”). Во исто време, редовно пишува музика за филм, театар и танцова продукција, за што има добиено бројни награди. Се чини дека постои консензус околу една работа кога станува збор за нејзините настапи: без разлика дали пее свои песни или преработки, нови или стари композиции, на овој или оној јазик, на сцената секогаш на крајот доминира еден јазик – јазикот на емоциите. (Д.Т.)