Волстрит во раст, позитивни вести од компаниите

35

Индексите на берзите во САД пораснаа во вторникот, бидејќи силните податоци за заработката и охрабрувачките податоци за инфлацијата го поттурнаа индексот СиП 500 (S&P 500) на неговиот најдобар јануари од 2019 година.
„Дау Џонс индастријал авериџ“ (Dow Jones Industrial Average) порасна за 368,95 поени или 1,09 отсто, на 34.086,04 поени. S&P 500 зајакна 1,46 отсто на 4.076,60. Композитниот Насдак индекс (Nasdaq Composite) додаде 1,67 отсто на 11.584,55 поени, забележувајќи го својот најдобар јануари од 2001 година.

Акциите на Џенерал Моторс скокнаа за околу 8,4 отсто откако автомобилскиот производител објави силна заработка. Акциите на PulteGroup пораснаа за 9,4% откако компанијата за изградба на куќи објави подобра од очекуваната заработка. Акциите на Exxon Mobil исто така поскапеа за речиси 2,2% по објавување на заработката.

Инвеститорите добија позитивни вести за инфлацијата во вторникот пред најновата одлука за каматната стапка на Федералните резерви. Индексот на трошоците за вработување, важна мерка за платите што ја набљудува ФЕД, покажа зголемување на компензациите за 1 отсто во четвртиот квартал. Беше под проценката на Дау Џонс од 1,1 отсто. Трговците во голема мера очекуваат зголемување на стапката за четврт поен од страна на ФЕД, но се надеваат дека забавувањето на инфлацијата ќе го поттикне претседателот на ФЕД, Џером Пауел, да сигнализира пауза во затегнувањето во блиска иднина.

Акциите имаа одличен почеток на 2023 година. S&P 500 и Dow пораснаа за околу 6,2% и 2,8% во јануари за нивниот трет позитивен месец во последните четири месеци. Nasdaq Composite порасна за речиси 10,7 отсто овој месец, што е негово најдобро месечно остварување од јули, пренесува СЕЕбиз.

Солидниот јануари може да биде добар знак за пазарот и потенцијално да сигнализира континуиран раст во месеците што следат. Од пет случаи кога S&P доби повеќе од 5% во јануари по негативната година, реперот се зголеми во просек за 30% за годината, рече Рајан Детрик од Carson Group во твит.