Левица бара оставка од директорот: Возовите застанаа поради штрајк или дефект?

79

Железничкиот сообраќај денеска повторно во прекин.

Од синдикатите на машинскиот персонал вчера најавија протест поради неисплатен втор дел од октомвриската плата. Од Скопската железничка станица, пак, денеска  информираа дека утринските возови тргнале, но потоа се појавил дефект, кој не знаат кога ќе се отстрани. Според нив тој дефект е причина за застојот, а не најавениот протест.

Прекин на железничкиот сообраќај имаше и неодамна, исто така за неисплатена плата, но проблемот се реши за еден ден.
Поради честите прекини на железничкиот сообраќај, партијата Левица побара директорот на Македонски железници Транспорт, Аднан Азизи, кој е кадар на Беса, да си замине.

-Левица им дава поддршка на вработените во Македонски железници Транспорт кои од денеска со целосен прекин на товарниот и патниот транспорт, ќе го изразат својот протест поради неисплатувањето на и онака ниските плати. Раководството на МЖ Транспорт изминатите години ја донесе железница до пропаст и девастација на сѐ што постоеше и функционираше порано. Македонските железници поради лошиот и криминален менаџмент не се во состојба редовно да ги исплатуваат платите, па вработените често добиваат плата на рати, а исто така и не се исплатуваат другите додатоци и надоместоци од плати. Со нередовната и парцијална исплата на платите вработените наместо 12 плати годишно, добиваат 10 и пол плати. Нередовните плати на вработените влијаат при сервисирањето на обврските од кредитите поради кои честопати паѓаат во задоцнување со исплата на ратите поради нередовноста на платите, па се задолжени и со казни од страна на банките, информираше вчера Левица преку соопштение.