Епидемијата на коронавирус во Македонија не стивнува. Последните бројки се крајно загрижувачки, бидејќи од ден во ден расте бројот на заболени со смртоносниот вирус. Изминатите 24 часа регистрирани се дури 52 новозаразени со ковид-19, четири луѓе починаа. Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека во Сарај, Бутел, Чаир и Аеродром има најмногу заразени во последниот период и дека загрижува уште повеќе тоа што граѓани со решение за самоизолација се шетаат надвор. Тој побара поголема ажурност од МВР и најави можно враќање на локални карантини по општини и реони ако мерките не се почитуваат.

 

Епидемијата на коронавирус во Македонија не стивнува. Последните бројки се крајно загрижувачки, бидејќи од ден во ден расте бројот на заболени со смртоносниот вирус. Изминатите 24 часа регистрирани се дури 52 новозаразени со ковид-19, четири луѓе починаа и направени се 661 тестирање. И тоа само три дена откако се укина полицискиот час, еден ден по отворањето на кафулињата и рестораните! Состојбата загрижува, бројот на новозаболени расте, што понатаму?!

Само за последните денови, конкретно од 25 мај до вчера 29 мај, бројот на новозаболени достигна околу 150 заразени и осум починати, од кои еден е медицински работник. Расте и бројот на оздравени, но тој е помал и достигна околу 70, а бројот на болни кои во моментов се лекуваат од ковид-19 е 470.

Најголем дел од активнитe случаи на заболени лица има во Скопје – 232 лица, во Куманово се активни 36, во Штип-19, Прилеп-43, Тетово – 71, Струга – 9, Велес – 31, Битола – 7, Охрид – 8, Гостивар – 4 и Струмица – 1, Неготино – 5, Виница – 1, Кратово – 1 и Свети Николе – 1 активен случај.

Новите 24 случаи со ковид-19 во Скопје, што беа регистрирани вчера, се од Сарај (7), Бутел (4), Чаир (3), Аеродром (3), Студеничани (2), Шуто Оризари (2), Гази Баба (1), Кисела Вода (1) и Карпош (1).

Дали Штип станува ново жариште на коронавирусот? Во овој град епидемијата беше ставена под контрола, но сега повторно расте бројот на заразени, при што најголем број се текстилни работнички. Конфекцијата веќе четврти ден е затворена, а околу 130 граѓани се ставени во домашна изолација!

Од центарот за јавно здравје – Штип апелираат сите граѓани од Штип кои се превезувале со автобусите од и до текстилната конфекција во која се детектирани поголем број лица заболени од коронавирус, како и граѓаните кои користат ваков тип превоз, задолжително да останат во самоизолација и да се јават кај својот матичен лекар при појава на првите симптоми на болеста – кашлица, главоболка, покачена телесна температура, затнат нос, болка во грлото, треска, губење на чувството за вкус и мирис – велат од Центарот за јавно здравје – Штип по состанокот со епидемиолозите од Комисијата за заразни болести.

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, деновиве посочи дека сè уште е рано да се вклучи алармот за преземање поригорозни мерки на територија на општина Штип.

Министерот за здравство Венко Филипче, согледувајќи ја актуелната состојба, вели дека сме исправени пред два избора – да се навикнеме безусловно да ги почитуваме мерките за заштита на здравјето кои се предуслов за нормализирање на состојбата или со непочитување на препораките да ризикуваме повторно враќање назад кон рестрикции и остри мерки. Бара апсолутно поголема ажурност и санкции од Министерството за внатрешни работи.

Филипче  вчера најави повторно воведување на рестриктивни  мерки врз основа на состојбата и можно е веќе од идната недела да се донесат нови мерки и ставање во карантин на општините каде што има зголемен број на заболени.

„Има 15 градови во кои биле регистрирани случаи, а сега веќе нема. Зголемениот број на случаи доаѓаат од најчесто познати кластери. Информациите кои ги добивме од терен се дека мерките не се почитуваат. Направени се контроли во текот на вчерашниот ден. Се направи надзор во Центарот за јавно здравје во Тетово и не се почитува самоизолацијата, од увидот во Штип непочитување на правилото за транспорт посебно во конфекциите. Во една конфекција има 17 заболени и 70 контакти се во самоизолација. Епидемиолозите се соочуваат со одбивање на соработка со луѓето – истакна Филипче.

Тој додаде дека во Сарај, Бутел, Чаир и Аеродром има најмногу заразени во последниот период.

„Загрижува уште повеќе и тоа што граѓани со решение за самоизолација се шетаат надвор и барам поголема ажурност од МВР. Повторно ќе воведеме рестрикции ако епидемиолошката состојба тоа го наложи. Засега сè уште нема потреба, сè будно следиме и ако има потреба пак ќе ги вратиме. Ние не можеме вечно да живееме затворени и одговорноста за враќање во нормала е сега на секој граѓанин во нашата држава – вели првиот човек во здравството.

Според министерот почна да се враќа животот во нормала и почнуваат да се отвораат бизнисите, се враќа слободното движење, а наскоро ќе се отворат и границите. Но, мерките мора да се почитуваат.

Дел од македонските лекари негодуваат околу одлуките да се олабават мерките кога бројот на заразени расте, расте бројот на активни пациенти, но расте и бројот на починати. Доктор Никола Пановски, за медиумите изјави дека укинување на полициски час на цела територија е признавање на пораз и смета дека треба да се преземат конкретни мерки во Сарај, Чаир и Аеродром каде што има жаришта.

-За мене е неочекувано од медицински аспект и не гледам зошто сега би се олабавиле мерките кога бројот на активни случаи расте, така што меркиве немаат оправување од тој аспект – реагира Пановски и дополнува дека според него само требало да се скрати полицискиот час и тој да почнувал од 21 и 22 часот.

И за границите смета дека е рано да се отворат од 1 јуни бидејќи никој не би се решил да патува, а од друга страни земјите од регионот сè уште не примаат странци на нивната територија. Тој посочува дека во регионите каде што се шири вирусот требаше да се зајакнат мерките дополнително.

Доктор Пановски укажува пак дека во Сарај според бројот на жители има повеќе заболени отколку на почетокот во Дебар.

Д-р Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари – АСМЛ  укажува дека не само што расте бројот на починатите лица туку овие лица не ѝ припаѓаат на возрасната популација која е најзагрозена.

Тој на својот ФБ-профил напиша дека треба да бидеме загрижени бидејќи последните три смрти случаи се пациенти кои биле на возраст од 41 година, 47 години и 58 години. Според него треба да се земе и предвид дека просечно дневно имаме по 25 новозаболени лица.

Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, исто така, на својот ФБ-профил реагира и вели дека треба да има објаснување за последните бројки позитивни на коронавирус и починатите лица.

Со најтешка клиничка слика во последните два-три дена доаѓаат заразени пациенти со коронавирусот во Градската општа болница „8 Септември“. Директорот, д-р Христијан Костов за Фактор потврди дека новите пациенти кои ги хоспитализираат, за 24 часа завршуваат на респиратор.

 (В.Ма.)

Ексдиректорката на Кожно ќе помине со казна од 10 илјади евра

Ексдиректорката на Клиниката за кожни болести ќе плати казна од 10.000 евра, за кривичното дело пренесување заразна болест, одлучи Обвинителството.

„По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска до надлежниот суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против поранешната директорка на ЈЗУ Клиника за дерматовенерологија при Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје, која е обвинета за кривично дело – Пренесување заразна болест по член 205 став 1 од Кривичниот законик. Надлежниот јавен обвинител на Судот му предложи за обвинетата да изрече парична казна од 40 дневни глоби со вредност на една дневна глоба од 250 евра, односно вкупна парична казна од 10.000 евра во денарска противвредност“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.