Возила со странска регистрација имаат граѓаните со двојно државјанство, увезените влегуваат без таблички

590

Само редовно регистрираните возила со странски таблички ќе можат да се регистрираат во државата со половина од предвидените трошоци. За нив, исто така треба да има и зелен картон.

Овие детали од предлогот на законот со кој ќе се овозможи регистрација за половина од вкупните трошоци за возилата, што низ државата се возат со странски таблички, ги најави директорот на Царинската управа на Македонија, Ѓоко Танасоски.

Според досега објавеното од предлог-законот, МК таблички ќе можат да добијат само возилата со најмалку еуро 4 стандард, кои во земјава последен пат влегле пред 1 октомври годинава. Колку такви возила има засега нема точни податоци, но Владата сепак пресметала дека со нивната легализација ќе собере 25 милиони евра.

Возила со странски регистарски таблички во државата возат само наши државјани кои имаат државјанство и од земјата од која е донесено возилото, а најбројни се возилата со бугарски таблички. Наши граѓани кои поседуваат и бугарски пасош веќе со децении купуваат од соседна Бугарија автомобили и ги возат со тамошните таблички за да го избегнат плаќањето на царината за нивниот увоз и другите давачки кај нас. За да може да добијат македонски таблички по пониска цена овие возила ќе мора да се редовно регистрирани, а тоа значи дека нивните сопственици два пати во годината, односно на секои шест месеци требале да одат во Бугарија за да ги извршат тамошните процедури за регистрација. Познавачите на автомобилскиот бизнис информираат дека во различни земји рокот за регистрација е различен. Така на пример, возилата во Германија се регистрираат на две години, во Канада, пак, регистрацијата важи додека се возат.

Меѓу увезените половни возила наменети за продажба не можат да се најдат такви со странски регистрации, уверуваат сопствениците на автоплацови.

-Процедурите се такви што при увозот ние веднаш ги враќаме странските таблички и ги изложуваме возилата нерегистрирани. Потоа купувачот си ја завршува целата процедура околу регистрацијата. Не го знам законот што се предлага и не знам дали се ќе биде онака како што е досега најавено, или ќе има и некоја измама како што се случувало претходно, но знам дека возила со странска регистрација имаат само нашите граѓани со двојно државјанство, ни рекоа на еден плац за половни автомобили.

Предлог законот излезе од Владата, но сè уште не е доставен до Собранието, а го нема ниту на ЕНЕР, па не можат да се видат деталите. Меѓу малкуте информации е и таа дека граѓаните кои ќе сакаат да ги заменат странските таблички со македонски ќе мора да дадат изјава дека возилото го внеле во земјава пред октомври годинава.

– Многу е важно да се наведе фактот дека остануваат другите критериуми кои произлегуваат од постојните закони за возила, а кои се однесуваат на заштита на животната средина. Значи сите возила кои се влезени пред 1 октомври, а ги исполнуваат еколошките критериуми предвидени со подзаконските акти, а тоа е да бидат над евро 4 стандард, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Сопствениците на возила со странски таблички ќе имаат рок од една година да ја завршат оваа операција. Предлог-законот ги опфаќа моторните возила за превоз на патници (категорија М), возилата за превоз на товар (категорија Н), возилата на две и три тркала и квадрацикли (категорија Л) и приколки – вклучително и полуприколки (категорија О)“.

(С.В.)