Возачите и транспортните компании купиле над 1.400 електронски уреди за плаќање патарини

Возачи на патнички возила купиле речиси 3.600 бесконтактни смарт-картички, а остатокот се тагови, поточно налепници наменети за транспортерите, кои се читаат оддалеку. Од ЈПДП очекуваат да расте бројот на возачите кои ќе го применуваат ваквиот начин на минување на патарините, а со тоа и бројот на продадените картички и тагови. Особено зголемена продажба се очекува по воведувањето на постпејд начинот на плаќање патарина, за кој најголем интерес има кај поголемите транспортни компании.

149

Во првите две недели од воведувањето на електронско плаќање на патарините долж Коридорот 10 и на рампата кај Петровец, Јавното претпријатие за државни патишта продало над 1.400 таканаречени тагови и смарт картички со кои низ засега единствената лента на патарините се поминува без застанување и плаќање.
Возачи на патнички возила купиле речиси 3.600 бесконтактни смарт-картички, а остатокот се тагови, поточно налепници наменети за транспортерите, кои се читаат оддалеку. Од ЈПДП очекуваат да расте бројот на возачите кои ќе го применуваат ваквиот начин на минување на патарините, а со тоа и бројот на продадените картички и тагови. Особено зголемена продажба се очекува по воведувањето на постпејд начинот на плаќање патарина, за кој најголем интерес има кај поголемите транспортни компании. За ова, според информациите од ЈПДП се преговара со банките.
Припејд картичките кои сега се во употреба чинат 100 денари, се купуваат само еднаш, а потоа се надополнуваат со најмалку 300 денари. Таговите се 1.200 денари. Картичките и таговите сега може да се купат на самите наплатни рампи, како и на контролниот пункт кај наплатната станица во Петровец. Надополнувањето е едноставно, со симнување апликација од веб страницата на ЈПДП, а во зависност од сумата се добива попуст од два до седум проценти, така што минувањето на лентата за електронска наплата е поевтино од возењето низ лентите за плаќање во кеш.
Новина е тоа што низ наплатната рампа може да се помине и без плаќање. На самите наплатни рампи по Коридорот 10 се издаваат билети за неплатена патарина, со кои треба да се плати во рок од 24 часа на самите патарини каде се врши продажба и надополнување на електронските уреди, или преку веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта.
Според најавите од ЈПДП, со зголемувањето на бројот на продадени електронски уреди, ќе се зголемува и бројот на лентите на патарините на кои ќе се плаќа електронски, за на крајот да остане само една за плаќање во кеш. Засега електронска наплата има само на рампата кај Петровец и долж Коридорот 10 и тоа на рампите кај Романовце, Отовица, Сопот и Градско. Воведена е на 3 овој месец. На овој коридор во најава е скоро пуштање на новата патарина кај Гевгелија, која ќе биде најскапа од сите и ќе чини 100 денари, а и на таа патарина ќе има опција за електронско плаќање. За подоцна е предвидена дигитализација и на патарините долж Коридорот 8, проект што ќе чини 13 милиони евра. (С.В.)