Воен удар во Буркина Фасо – уставот суспендиран, претседателот уапсен, владата и парламентот распуштени

37

Војската на Буркина Фасо денеска го собори претседателот Рох Каборе, го суспендира уставот, ги распуштила владата и националното собрание и ги затвори границите на земјата.

Во соопштението, потпишано од потполковникот Пол-Анри Сандаого Дамиба, а прочитано на државната телевизија од друг воен претставник, се вели дека преземањето на власта било извршено без насилство и дека приведените се на безбедно место.

Соопштението доаѓа од името на засега непознато тело – Патриотско движење за зачувување и обнова или МПСР.

„МПСР, телото што ги вклучува сите сегменти на војската, одлучи денеска да го прекине мандатот на претседателот Каборе“, се наведува во соопштението.

Како причина за изведениот воен удар се наведува колапсот на безбедносната ситуација во земјата и тоа што се опишува како неспособност на Каборе да ја обедини нацијата и ефикасно да одговори на предизвиците со кои се соочува.

До обраќањето на војската доаѓа два дена по конфузијата и стравот што владееја во главниот град Уагадугу, каде вчера дојде до размена на оган во касарните, додека војниците бараа поголема поддршка за нивната борба против исламските милитанти.

Не е познато што се случи со Каборе откако во текот на ноќта се слушнаа силни пукотници во близина на неговата резиденција.

Претходно, партијата на Каборе соопшти дека тој преживеал обидот за атентат, но не соопшти никакви детали.

Пред соопштението на војската, Африканската унија и западноафриканскиот блок ECOWAS го осудија, како што го нарекоа, обидот за државен удар во Буркина Фасо, соопштувајќи дека армијата ја сметаат за одговорна за безбедноста на Каборе.

Пучот го осуди и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.