„Водовод“ со биолошки сигурносен кабинет во микробиолошката лабораторија

49

Секторот за санитарна контрола при јавното претпријатие „Водовод и канализација“, во чии рамки работат микробиолошка и хемиска лабораторија, ја зголеми безбедноста во рамки на микробиолошката лабораторија со набавка на биолошки сигурносен кабинет.

Како што објаснуваат од ЈП „Водовод и канализација“, биолошкиот сигурносен кабинет (БСК) е најефикасен и најчесто употребуван уред за работа во микробиолошка лабораторија каде е можна појава на инфективни агенси.

-Биолошкиот сигурносен кабинет претставува уред кој овозможува блокирање на понатамошното ширење на инфективните материјали кои се ослободуваат во вид на аеросоли при работата на микробиолошките постапки. Овој кабинет поседува вграден ХЕПА (high-efficiency particulate air filter) филтер кој задржува 99.97 проценти честички со дијаметар од  0.3 µm и 99.99 проценти поголеми и помали честички. Со таа своја функција ХЕПА филтерот ефикасно ги запира сите познати предизвикувачи на инфекции, а надвор го испуша воздухот чист, ослободен од сите видови микроорганизми-нагласуваат од претпријатието.

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Душко Весковски  вели дека работата во акредитираните лаборатории во Секторот за санитарна контрола, единствени од овој тип во Република Северна Македонија, е со специфичен карактер, а таа специфичност подразбира и изложување на големи ризици.

-Токму затоа, се вложуваат средства не само за модернизација на лабораториите, туку и за зголемување на безбедноста на нашите вработени при изведување на сите анализи со кои се гарантира безбедноста и квалитетот на водата за пиење за нашите корисници – посочи Весковски.