Водители на Фокс њуз го споредија Фаучи со Мусолини и Менгеле

51

Водителите на телевизијата Фокс њуз, Карлсон Такер и Лара Логан, во синоќешни емисии го споредија главниот инфектолог на САД, Ентони Фаучи, со диктатори од Втората светска војна.

Коментарите се дел острата поделеност што постои меѓу републиканските и демократските поддржувачи во САД во однос на вакцинацијата и справувањето со пандемијата на Ковид-19.

Во емисијата „Прајм тајм“ на Фокс, Логан изјави дека некои и кажале дека Фаучи е како Јозеф Менгеле. Познат и како „ангел на смртта“, озлогласениот наци доктор за време на Втората светска војна експериментирал со затвореници во концентрациониот логор Аушвиц, а тоа го правел далеку од секаков морал и етика при што многумина умирале во огромни маки.

-Тоа што го гледате во д-р Фаучи, и ова ми го кажуваат луѓе, тој не претставува наука за нив. Тој претставува Јозеф Менгеле, наци лекарот кој вршел експерименти врз Евреи за време на Втората светска војна во концентрационите логори, изјави таа.

Во својата емисија, пак, Карлсон во подолг коментар го стави Фаучи рамо до рамо со италијанскиот диктатор Бенито Мусолини. Тој изјави дека Фаучи „се избезуми“.

-После две години постојана медиумска слава, Тони Фаучи се претвори во една помала верзија на Бенито Мусолини, рече Такер.

Коментарите на Логан и Такер следуваа откако Фаучи, во одговор на критики на републиканскиот сенатор Тед Круз за неговата работа и за наводни малверзации во институтите каде работел, во неделата во интервју за Си-би-ес изјави „јас ја претставувам науката“.

На коментарите на Логан реагираше еврејската заедница.

Твитер налогот на Меморијал Аушвиц со 1.1 милион потписници, соопшти дека „користењето на трагедијата на луѓето кои станаа жртви на криминални, псевдо-медицински експерименти во Аушвиц, во дебата за вакцини, пандемија и луѓе кои се борат за да спасат животи е срамно. Тоа е без почит кон жртвите и тажен симптом на една морална и интелектуална уназаденост.“