Нова измама се шири на социјалните мрежи, предупредуваат фејсбук-корисници кои деновиве споделија еден линк со апел да се внимава со кого се  воспоставуваат пријателства. Во случајов, се работи за злоупотреба и уцена со пари на која, според објавата, наседнале неколкумина граѓани.

-Сакам да ве предупредам дека се шири во Македонија еден “скам” каде што непозната личност ви праќа понуда за пријател и кога ќе ја додадете ви испраќа некој линк што не изгледа сомнителен. Кога ќе кликнете, ви го скенира лицето, веројатно преку камерата и во рок од 10-15 секунди ви праќа фотошоп клип каде што ве има вас во клипот кој има порнографска природа. Најстрашно е тоа што ви ја копираат листата за пријатели и после тоа ве уценува дека сте направиле педофилски чин кој впрочем е противзаконски и ќе го испратат на вашите најмили или дека ќе го објават на Јутјуб доколку не им платите одредена сума пари, беше споделено на голем број фејсбук-профили. 

Според објавата, личноста која злоупотребува пишува на српски јазик, а пораката ја праќа од адреса на Брегот на Слоновата Коска на која бара да биде уплатена сумата.

-Ве молам споделете кој може, ќе ми е баш криво ако некој потпадне на овој злобен трик, пишува на еден фејсбук-профил. Оттаму велат дека ваква измама прават фејсбук-профили со име Давид Муад или Каролин.

– Исто роднина моја што работи во Вестерн Унион само што ми кажа дека многу луѓе доаѓаат да уплатат за вакво нешто, а не смее да им соопшти дека не треба да плаќаат на такви луѓе. Ве молам некако предупредете ги сите, по сè изгледа ова е малку пострашно отколку што мислев. Имам информација дека ова не се случувало само во МК туку и во други европски земји. Добивам многу повици и пораки од други луѓе што добиле преку 45 пораки од истиот или од друго име: КАРОЛИНЕ, пишува на профилите.

Од МВР велат дека ваков случај досега нема пријавено во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, но предупредуваат на внимателност со податоците кои се објавуваат на социјалните мрежи.

-Досега до Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика нема пристигнато пријава за кривично дело поврзано со уцена користејќи фотографии од социјалната мрежа Фејсбук и монтирање на истите во клип со порнографска содржина, односно случајот за кој прашувате. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ги потсетува граѓаните дека во случај да станат жртви на уцени да пријават во најблиската полициска станица или на cybercrime@moi.gov.mk, одговорија од МВР на прашањето на весникот Вечер.

И ИТ експертите предупредуваат на внимателност при користење на социјалните мрежи. Велат дека секојдневно се појавуваат нови начини на злоупотреба на објавени лични податоци и фотографии на некои профили и напоменуваат дека е многу важно со кого се воспоставува ново пријателство и какви податоци се објавуваат.