Внимавајте, куче каса низ Автокоманда!

Марија Кракутовска е последна жртва во низата напади што ги прави бездомно куче низ населбата Автокоманда. Таа својот случај го објави на „Фејсбук“ со фотографија како ѝ се искинати хеланките, откако кучето ја нападнало без никаков повод 

743

Марија Кракутовска е последна жртва во низата напади што ги прави бездомно куче низ населбата Автокоманда. Таа својот случај го објави на Фејсбук со фотографија како и се искинати хеланките откако кучето без никаков повод ја нападнало.

– Ова е резултат од кучето што напаѓа во Автокоманда. Едвај жива останав, а не е прв пат на напад од ова куче. Деца може да искаса, а никој ништо не презема, дури го згрижуваат и чуваат. Пазете се, јас спасив жива глава, да не настрада друг – вели таа и посочува дека кучето се наоѓа на паркингот зад зградата со полукружни балкони, дијагонално од „Ташко Караџа“ кон „Лазар Поп Трајков“ меѓу паркинзите.

Вели дека станува збор за кафеаво и власесто куче што ја нападнало од зад грб со лаење.

Пред два месеца и Данче Бошковска исто така била нападната, вели од истото куче.

– На ова место ме касна кучево, мислам дека е истото. Од „Ташко Караџа“ поминав меѓу зградите накај „Кам“. Ме касна без предупредување. Јас го пријавив со фотографии, не сакав друг да касне, ама изгледа пак и пак ќе се повторува – вели Бошковска.

И Јован Јовановски посочува дека кучето и него го каснало за нога без да залае. Вели дека и други луѓе пријавувале напад од кучето, ама наводно не можеле да го најдат и да го фатат.

(С.Бл.)