ВМРО-ДПМНЕ преку протести ќе го продолжи притисокот врз власта за предвремени избори, откако стана јасно дека премиерот Димитар Ковачевски не прифаќа лидерска средба на ова тема, но останува во Собранието за да спречи носење на штетни закони. Премиерот, пак, оценува дека најголемата опозициска партија е единствената која го блокира Собранието, а не целата опозиција, како и дека тоа го прави „заради обезбедување некакви внатрепартиски позиции“.

Вечерва, како што најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Извршниот комитет на партијата ќе одлучи за новата фаза од блокадата, и како што рече сè е на маса, освен напуштање на парламентот.

„Треба да отвориме дебата, да може да слушнеме и останатите членови на Извршниот комитет што ќе кажат и ќе излеземе многу скоро со динамиката на активностите. Но, сè е на маса, само не е напуштање на Парламентот, тоа задоволство нема да го има оваа власт, да го напуштиме Парламентот за да можат од Законот за марихуана па наваму се да си поминат“, нагласи Мицкоски, додавајќи дека не ја исклучува можноста следен чекор да бидат протести.

Тој коментираше дека власта од една страна тврди дека опозициската блокада нема ефект, а од друга се жали кај странските амбасади за блокадата.

„Па нели според СДСМ и ДУИ нема блокада, ја совладале блокадата. Јас така знам, они велат ја совладале блокадата и нема блокада и Собранието си функционира нормално, ама затоа секаде каде што идат по амбасади коленичат и цимолат дека ВМРО-ДПМНЕ им го блокирало Парламентот…Ние кажавме сè што е за интересот на граѓаните, сè што е за интересот на народот, сè што е за интересот на Македонија, повисоки плати, повисоки пензии, субвенции за земјоделците, помош за стопанството ќе го поддржиме. Сето она што цениме дека е спротивно на интересите на народот и граѓаните ќе го блокираме и така ќе се однесуваме во иднина“, рече Мицкоски.

Во однос на обвинувањата од страна на СДСМ за последните анкети на јавното мислење во врска со предвремените избори, тој додаде дека единствен начин да се докаже и покаже дали анкетите се точни, е да се оди на избори. Мицкоски го повика Ковачевски и СДСМ да се охрабрат и да седнат на маса за да договорат датум за предвремени парламентарни избори, на кои граѓаните ќе одлучат.

„Има единствен начин тоа да се покаже и докаже, дали се измислени или не се, е да одиме на избори. Нека се охрабрат и нека го охрабрат Ковачевски да седнеме на маса и да договориме датум за предвремени парламентарни избори… Тогаш народот ќе си каже дали тие се добрите и нас нè чека пораз, или, пак, работата е сосема поинаква. Само да не биде како после локалните избори да прават математики и гимнастики. Тоа е единствениот начин да видиме дали анкетите се лажни или не се лажни“, истакна претседателот Мицкоски.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, денеска оцени дека само ВМРО-ДПМНЕ го блокира Собранието, а не целата опозиција, како и дека тоа го прави од политички причини, „заради обезбедување некакви внатрепартиски позиции“. Тој порача пратениците да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат пред граѓаните зашто во Собранието, посебно сега, рече, треба да се донесат многу важни закони. Парламентот, нагласи Ковачевски, е место каде што треба да се негува демократијата и да се разговара, а не да се користи за блокирање и за бојкотирање, бидејќи тоа не носи никому ништо добро.

„Пристапот на ВМРО-ДПМНЕ, досега велев опозицијата, меѓутоа очигледно е дека не е опозицијата, туку дека се работи само за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ги гледаме другите политички партии кои имаат поодговорен пристап од опозицијата, дека ова го прават чисто од политички лични причини, за обезбедување некакви си позиции во самата партија. Уште еднаш ги повикувам сите пратеници во Собранието да бидат на ниво на одговорноста што ја имаат не пред партија, туку пред граѓаните, со оглед дека Собранието треба да работи за да се носат закони што значат унапредување и на стандардот, на задржување на стандардот на граѓаните, меѓутоа и на овозможување подобри услови на компаниите во ова кризно време“, напомена Ковачевски.

(И.С.)