ВМРО-ДПМНЕ од денес ќе протестира се додека Владата не го покаже „патоказот„

234

Јавноста да има увид во документот за кој македонските власти преговараат со техничката влада во Бугарија, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку протести кои во исто време ќе се одржат во Скопје, но и во десет други градови. Од 15 до 17 часот кај зградата на Нова Македонија, пред Собрание и кај ТЦ „Мавровка”, и на главните сообраќајници во внатрешноста на земјава, опозиционерите ќе бараат власта јавно да соопшти за што преговара со Бугарија и какви отстапки се нудат.

Повикувајќи се на дипломатски извори, опозицијата предупредува дека на преговарачката маса за симнување на ветото од Бугарија, се ставени иидентитетот, јазикот, и културата.

-За да добијат датум за преговори, прифаќаат Декларацијата на бугарскиот парламент да стане дел од првите пет фундаментални поглавја во преговарачката рамка за ЕУ. Протестите и блокадите нема да престанат се додека не биде јавно објавен Патоказатот за спороведување на договорот и условите од Бугарија, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средба со новинарите вчера рече дека опозицијата не е информирана за преговорите со Бугарија. Партијата, наводно има информации дека двоецот Заев-Бучковски преговара со техничката бугарска влада за делови од декларацијата, која беше усвоена во бугарскиот парламент во 2019 година.

„Ако власта ги прифати условите на бугарската декларација во преговорите со ЕУ тогаш тоа станува европски проблем, а не билатерален. Доколку не се побуниме Заев ќе прифати се“ смета Мицкоски.

Во следниве две недели, односно до 22 јуни, очекува опозицискиот лидер, можни се три сценарија  – првото да добиеме датум и меѓувладина конференција на 23 јуни без дополнително условување од Бугарија, што, според него е возможно и веројатно само 5 проценти.

Второто сценарио да се вметне бугарската Декларација во фудаменталниот кластер на првите пет поглавја од преговарачката рамка и додека не ги прифатиме сите бугарски барања нема да има напредок. Ќе преговараме бесконечно, што е многу полошо и од случајот од Србија и условот за Косово е во 35 тото последно поглавје. Ова сценарио е со 25% веројатност.

Едно од можните сценарија, според него, е разговорите да продолжат по парламентарните избори во Бугарија и избор на политичка Влада.

Премиерот Зоран Заев неодмна изјави дека „Патоказот за исполнување на обврските од Договорот за добрососедство“, е доставен на увид во стручните служби во Министерството за надворешни работи.