ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не преговараат тајно, чекаат нова лидерска

По лидерската средба што се одржа во понеделникот, партиски извори од власта и опозицијата за весникот ВЕЧЕР брифираат дека немало нова средба на која би дошло до евентуално приближување за  ставовите кога треба да се одржат парламентарните избори. Зад затворени врати на тема избори не преговараат ниту партиски претставници од двете партии. Дијалогот меѓу партиите кој, главно се одвива преку медиумите, праќа сигнал дека партиите засега се далеку од договор. Во политичките кругови и понатаму се шпекулира дека Заев и Мицкоски ќе се најдат на средина - односно ќе се договорат за избори во јули, предлог што деновиве интензивно се повторува од партиите во албанскиот блок

92

Крајот на мај е многу доцна за да се договори датумот за избори. И од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на консензус за датумот за гласање, но и понатаму остануваат на зацементираните ставови кога да се одржат изборите. По лидерската средба што се одржа во понеделникот, партиски извори од власта и опозицијата за весникот ВЕЧЕР брифираат дека немало нова средба на која би дошло до евентуално приближување за  ставовите кога треба да се одржат парламентарните избори. Дијалогот меѓу партиите кој, главно, се одвива преку медиумите, праќа сигнал дека партиите засега се далеку од договор. Во политичките кругови и понатаму се шпекулира дека Заев и Мицкоски ќе се најдат на средина – односно ќе се договорат за избори во јули, предлог што деновиве интензивно се повторува од партиите во албанскиот блок.

СДСМ и понатаму го повторува својот став – доколку нема договор, тогаш по сила на закон изборите ќе се одржат на 21 јуни.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека СДСМ сака договор за можниот датум за изборите, но нема да дозволи штета на државата и граѓаните и додаде дека води грижа за сите аспекти – здравјето на граѓаните, функционалноста на институциите, како и заштитата на демократските права преку контрола на Владата.

„Теоретски можеме да се договориме додека трае вонредната состојба. Треба до крајот на оваа седмица или на почетокот на наредната недела евентуално да се утврди датумот. Ако чекаме до 30 мај е доцна. Мора да водиме грижа и за сите други аспекти. Јас стојам на располагање, сакаме да разговараме, но притоа не смееме да и нанесеме штета на државата и да ја доведеме земјата во уставна криза“, додаде Заев.

Наспроти нив, ВМРО-ДПМНЕ смета дека избори треба да има тогаш кога нема да биде загрозен ниту еден човечки живот и кога граѓаните ќе се чувствуваат слободни да учествуваат на изборен процес. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека во овие моменти потребно е трезвено размислување и натполитички став кој ќе биде во интерес на граѓаните и нивното здравје, а не во интерес на политичките партии. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ деновиве очекува нова лидерска средба.

„Јасно е дека треба да има консензус и очекувам дека ќе има повторно лидерска средба. Не може Заев да поставува ултиматуми и да прави што сака“, изјави Јанушев за медиумите.

Претседателот на Собранието, рече Јанушев, е тој што треба да даде нов датум за избори.

„Единствен кој може да утврди датум за избори е претседателот на Собранието, а тоа нема да се случи ако нема консензус. Значи нема да распише избори. Доколку пак од СДСМ сметаат дека тоа може владата да го направи сама со уредба со законска сила и ако прават манипулации не верувам дека ќе го постигнат тоа“,рече Јанушев.

Ако не јуни или август, изборите  би можеле да се одржат на почетокот на јули, смета лидерот на движењето Беса, Билал Касами.

„Треба да имаме парламент. Затоа цениме дека најбрз можен рок, во согласност со Уставните норми, е да организираме избори. Но, тоа мора да биде со сите чинители. Ценам дека не сме толку далеку за да не се договориме. Ако не јуни или август, со заладени глави може да има компромис и тоа да биде почетокот на јули“,вели Касами.

Членовите на Државната изборна комисија во средата побараа дополнителни одговори за мерките за избори од Комисијата за заразни болести. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека во следите денови Комисијата ќе одговори на прашањата на членовите на Комисијата, а исто така рече дека тие, односно државата, би можела да одговори на потребата за заштитни материјали за изборите имајќи предвид дека станува збор за голема бројка.

Во обид да се договори датум за парламентарни избори, досега во претседателската вила „Водно“ се одржаа две лидерски средби. На втората лидерска средба кај претседателот на државата, што се одржа во понеделникот, партиските лидери не постигнаа консензус за датум за предвремени парламентарни избори.