ВМРО-ДПМНЕ за Скопје и општина Центар ќе трча со жени за градоначалнички?!

334

На седница на Централен комитет што ќе се одржи в недела ВМРО-ДПМНЕ ќе потврди поголем дел од нивните кандидати за градоначалници.

Партиски извори за весникот ВЕЧЕР брифираат дека на седницата на партиското тело ќе бидат дефинирани поголем дел од фаворитите на Христијан Мицкоски, а другата половина кандидати за градоначалници, најверојатно, ќе бидат објавени до крајот на овој месец.

Опозицијата и овој пат најверојатно ќе се задржи на досегашната пракса за градски татковци да ги кандидира претседателите на општинските ограноци на партијата. Кандидатите кои ќе бидат соопштени во недела се очекува да го поминат партискиот филтер, а најголемиот дел од нив се познати и за јавноста.

Веќе е извесно дека Орце Георгиевски ќе му биде противкандидат на Филип Темелковски од СДСМ за Кисела Вода, а Дејан Митевски ќе застане зад партиските бои на ВМРО-ДПМНЕ за Аеродром.

Како што објавија дел од медиумите, во најтесен избор како кандидат за градоначалничката фотелја во Скопје е актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија, Даниела Арсовска. Арсовска, според наши извори, добро котира и на внатрепартиските анкети во ВМРО-ДПМНЕ, но партиското раководство и членовите на Централниот ќе треба да „пресечат„ меѓу неа и поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски. И покрај отворените несогласувања и меѓусебните критики, се чини дека Христијан Мицкоски ги „закопа секирите„ со кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, па така Јанчев ќе добие партиска поддршка за уште една кандидатура.

Поддршка од членовите на партиските тела според информации на весникот ВЕЧЕР има и за Дарко Костовски, кој ќе биде кандидат за Бутел, како и за д-р Александар Стојковски за општина Ѓорче Петров. За Сопиште, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде Стеве Трпковски, додека за Гази Баба ќе се кандидира Бобан Стевковски.

Две дами високо котираат на внатрепартиските анкети во ВМРО-ДПМНЕ за скопски Центар. Една од нив е и професорката Наташа Котлар, предложена од партијата Глас за Македонија поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, но неизвесно е дали во недела ќе биде дефинирано името за оваа општина.

Скопски Центар е предизвик и за владејачката СДСМ. Иако поголем дел од фаворитите на Зоран Заев се познати, партијата и понатаму тактизира за Центар, и најверојатно кандидатот на СДСМ за оваа општина ќе биде познат во последниот пакет.

Иако поднесе кандидатура, од „Бихаќка„ нема официјална потврда дека Саша Богдановиќ ќе добие партиска поддршка за Центар. Во игра за Центар е и Горан Герасимовски, но и двајцата сè уште се дел од внатрепартиските анкети на СДСМ.

Освен Центар, во СДСМ неизвесно е и за Карпош и за Аеродром. Од она што се шпекулира во политичките кругови, Златко Марин најверојатно нема да добие втора шанса, а не се знае ниту дали Стефан Богоев ќе трча на изборите. За Карпош се споменува и актуелниот директор на Водовод и канализација, Душко Весковски.

Неизвесно е и во Куманово и во Прилеп. Иако очекува партиска поддршка за нови четири години, не се знае дали Максим Димитриевски ќе успее да добие шанса за повторно да се бори за градоначалничката фотелја. И покрај несогласувањата со актуелното партиско раководство, тој ја очекува нивната поддршка. Опозицијата во Прилеп ќе трча со специјалистот по ортопедија д-р Борче Јовчески, а дали противкандидат ќе му биде неговиот колега, актуелниот градоначалник Илија Јованоски засега е неизвесно.

Листите со кандидати за локалните избори се поднесуваат до општинските изборни комисии заклучно со 11 септември до 24 часот. Изборната кампања ќе стартува на 27 септември и ќе трае заклучно со 15 октомври на полноќ кога настапува изборниот молк пред гласањето на 17 октомври. На 16 октомври, кога ќе биде во сила изборниот молк, ќе гласаат болните и немоќните.

(Ј.Ц.Г.)