Јуни ќе биде месецот на одлука за политичката иднина на државава, бидејќи тогаш ќе се решава за македонските евроинтеграции, промената на Изборниот законик, а ВМРО-ДПМНЕ закажа и голем граѓански протест. Најголемата опозициска партија на седницата на ИК, вчеравечер, донесе одлука за одржување протест за рушење на Владата, кој ќе се одржи на 18 јуни, како дополнување на активната блокада на Собранието за да го натера владејачкиот СДСМ да закаже лидерска средба за предвремени парламентарни избори. Помалите партии кои се дел од владејачката коалиција, ДС, ДОМ и ЛДП, најавија дека очекуваат до јуни да помине нивниот предлог за воведување една изборна единица, посочувајќи дека од тоа зависи и поддршката за власта. Доколку до 30 јуни не биде отстрането бугарското вето за почеток на преговорите со ЕУ, тоа може дополнително да го разниша владејачкото мнозинство во Собранието.

Според политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, најголем проблем е што пет години Собранието функционира на сила.

„Еден куп закони се донесоа на сила, буквално со тотално игнорирање на опозицијата, па дури и со подметнување на оние закони со европско знаменце, кои немаат никаква врска со легислативата на ЕУ. Се создаде амбиент на целосна недоверба, затоа што Собранието некои закони треба да ги носи и со консензус, со некаков договор и вклучување и на опозицијата, а гледаме дека тоа го нема“, изјави за весникот ВЕЧЕР аналитичарот Божиновски, додавајќи дека опозицијата и преку протести ќе се обиде да притисне за предвремени парламентарни избори.

Според него, дали ќе има предвремени избори, освен од волјата на СДСМ, зависи и од три други фактори (малите коалициски партии, ДУИ и започнувањето на македонските евроинтеграции во јуни).

„СДСМ е во коалиција со повеќе мали партии, кои се сега во уникатна позиција, а тоа е од нив да зависи и самата Влада. Овие партии побараа измени на изборниот модел и сега е моментот кога може и да го добијат тоа, ако прифатат да има некаков разумен цензус, за да се избегне атомизација на собранискиот состав. Ако до јуни не се реализира ова, се губи поентата на нивното учество во коалицијата и малите партии ризикуваат да ја изгубат довербата на оние избирачи кои ги гласаа на последните локални избори“, посочува Божиновски.

Тој додава дека е прашање како ќе реагира ДУИ, но не може сé да зависи од неа бидејќи тоа ќе го загрози владејачкото мнозинство. Според него, стабилноста на власта зависи и од тоа дали во јуни ќе ги започнеме преговорите со ЕУ.

„Ако во јуни не добиеме датум за почнување на преговори, а Алтернатива остане во власта, тогаш на нејзините гласачи ќе им стане јасно дека оваа партија дала поддршка само за да дојде на власт, иако претходно беше во опозиција борејќи се за рушење на ДУИ“, истакнува Божиновски, додавајќи дека ако Алтернатива излезе од власта, заедно со Алијанса за Албанците и Беса, може да биде противтежа на ДУИ на следните избори.

И лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, вчера, на ТВ-настап, истакна дека доколку во јуни не добиеме датум за почеток на преговори, тогаш оваа Влада го губи целосно кредибилитетот. Според него, секоја политичка партија во својата агенда ги има евроинтеграциите, но власта е таа што треба да го реализира тоа. Во тој случај, заклучи, ќе се оди на избори во октомври. Тој го повтори ставот на својата партија дека доколку дојде до промена на Изборниот законик, тогаш тие ќе бараат да има осум изборни единици, а не една како што бараат помалите партии.

ВМРО-ДПМНЕ истакна дека власта имала доволно долг период да покаже резултати, но не само што не покажала туку и нé внела во голема сиромаштија. Затоа, Извршниот комитет на партијата на вчерашната седница донел одлука за одржување голем граѓански протест на 18 јуни, а во наредниот период не се исклучени и други дополнителни чекори, покрај активната блокада на Собранието што ја почнаа минатата недела со цел да се издејствува одржување предвремени парламентарни избори.

„СДСМ и ДУИ катастрофално лошо се справија со здравствената криза и во ек на пандемија, додека народ умираше, договараа провизии на вакцини, се нижеа набавки во четири очи. Владата не презема ништо да ја подготви државата во пресрет на енергетската криза. Плаќаме скапа струја не затоа што е висока цената на светските берзи туку затоа што не произведуваме, па и до 50% од потрошувачката мора да ја увеземе. А производство нема затоа што се крадеше во РЕК и ЕЛЕМ. Јавниот долг од 4.7 милијарди во 2017 година се искачи на 7.2 милијарди досега, со најава за 900 милиони евра задолжување од ММФ и нова еврообврзница, а со тоа долгот ќе биде речиси дуплиран. Оваа Влада има дебакл и на меѓународно поле, пет години само што не сме почнати со преговори за влез во ЕУ и пет години само понижувања. И сета оваа неработа власта ја круниса со криминал и корупција, со партизирано судство и администрација“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ возвратија дека откако на ВМРО-ДПМНЕ ѝ пропадна деструктивната идеја за блокирање на Собранието, „невидените“ чекори кои ги најавуваше Мицкоски се сведоа на еден протест за еден месец отсега.

„Ако на Мицкоски му е потребен еден месец за да организира еден протест, тоа говори за внатрешните проблеми кои ги има за да си ја зачува сопствената фотелја во ВМРО-ДПМНЕ. Како и да е, протест е демократско право на опозицијата. Што се однесува до изборите, тоа прашање е затворено. Изборите ќе бидат редовни во 2024 година и на тие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе загуби“, стои во реакцијата на СДСМ.

(И.С.)