Во периодот 2–7 септември, на локации како Музеј на Град Скопје и Кинотека на Северна Македонија ќе се организира петтото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје Синема Сити.

Петото издание на фестивалот ќе се состои од филмови со теми поврзани со гитарата како инструмент.

За време на 5 дена, ќе се прикажат 10 филмови кои на уникатен начин ги прикажуваат авторите и нивните животи во однос на својот инструмент. Затоа и филмовите ќе бидат и жанровски шарени: блуз, рок, џез, авант-рок, поп, фадо.

Филмскиот дел од Фестивалот ќе го отвори документарниот филм за Кит Ричардс „Под влијание“, којшто зборува за неговата љубов кон музиката, гитарата, Ролинг Стоунси и ги следи неговите сеќавања од средбите со неговите идоли.

Во музичко-изложбениот дел, во фокус ќе биде изложбата на Влатко Стефановски во Музеј на Град Скопје, која е насловена како „Патешествие“. Се работи за изложба на концертни и промотивни плакати од личната колекција и архива на Стефановски. Со изложбата се прикажува неговото патешествие од самите почетоци со ,,Леб и сол”, па до ден-денес, преку бројните солистички концерти и проекти.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт од Скопје, а визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска.

Изложбата „Патешествие“ ќе се отвори на 2 септември во Музеј на Град Скопје, а проекциите на филмовите ќе се организираат во Кинотека на С. Македонија почнувајќи од 3 септември.

Изложбата и филмскиот дел се помогнати од Министерството за култура, Кинотека на С. Македонија, Музеј на Град Скопје, Гете институт.