Власта продава министри за да купи мнозинство во Собрание

343

Не стивнуваат превирањата во албанскиот политички блок. Влезот на Алијанса ќе ги налути помалите коалициони партнери во власта, па оние  8 пратеници што ќе ги добие, лесно може да ги изгуби. Дополнително, кревкото мнозинство го „тресе“ и огнената група во ДУИ, која оставаат можност да формира посебна пратеничка група, што дополнително би ги комплицирало работите.

Муса Џафери, еден од предводниците на „огнената“ група, го обвини вицепремиерот Артан Груби за узурпирање на партијата и дека преку пропаганда дезинформира за незадоволните и за целите на „огнената“ група.

„Артан Груби само се крие и се брани зад ликот на Али Ахмети. Тој заедно со другите министри треба да се појави пред граѓаните и да даде отчет и да покаже колку инвестиции направил во Кичево. Која е причината за неинвестирање во Чаир? Каде одат парите од буџетот“, праша Џафери.

Со месеци оваа група алармира за постапките на неколку функционери во ДУИ. Сепак, познавачите на политичките прилики во албанскиот блок, за весникот ВЕЧЕР, коментираат дека ДУИ најверојатно нема да ги жртвува своите силни позиции во владата на Ковачевски.

Дел од медиумите пренесуваат дека Алијанса на Албанците најверојатно ќе добие три министерства во владата на Димитар Ковачевски, што речиси и ќе го изедначи бројот на министри на СДСМ со бројот на министри кои доаѓаат од партиите на албанскиот блок.

Синхронизирање на програмата на Алијанса за Албанците со владината програма и ако се усогласат, разговорите ќе продолжат за кадровските решенија, изјави претседателот на АА Арбен Таравари, пред средбата со премиерот Димитар Ковачевски. Средбата која траеше два часа не донесе конечен договор, но остави простор за нови преговори.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари истакна дека не е дефинитивен влезот на партијата во Владата, но шансите се огромни. На средбата како што рече не се разговарало за кадровски решенија, но цени дека владината програма и програмата на партијата се синхронизирани околу 90 проценти.

„Првата и најбитна за нас е пакетот наш за борба против корупција и криминал и функционирање на правната држава. За другите е некоректно да зборуваме пред да ги презентираме во Владата“, рече Таравари пред средбата со Ковачевски.

На прашање дали услов за влез во Влада е замена на формулацијата „20 отсто“ со „албански јазик“, Таравари рече дека начелно никој нема против тоа.

На средбата со Ковачевски за проширување на владиното мнозинство Таравари беше придружуван од потпретседателот Елми Азири и генералниот секретар Кренар Лога.

По средбата на двајцата лидери, како што најави Ковачевски, беше предвидено СДСМ да одржи седница на Извршниот комитет, на која „ќе се разговара за актуелните прашања“.