Владината финансиска инфузија од 860 милиони евра ги одржа во живот фирмите и граѓаните

Премиерот Заев информира дека се потрошени 82 проценти од планираните средства за помош во кризата. Во тек на имплементација е 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека седум мерки во вредност од 150 милиони евра се во собраниска процедура. Се очекува оваа година домашната економија да се врати на патеката на економски раст и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата

472

Владиниот стимул со кој на граѓаните и стопанството им се ставени на располагање 860 милиони евра, преку седумдесетина имплементирани атикризни мерки, придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани. Поточно, според калкулациите на Министерството за финансии економскиот пад е намален за 4,2 процентни поени и наместо да изнесува 8,7 отсто, реално изнесуваше 4,5 проценти.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција во Владата посветена на реализацијата на економските мерки.
Според него, преку досегашните мерки граѓаните, фирмите и вработените се поддржани со 82 отсто од вкупно планираните средства со мерките.

Тој рече дека првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1 отсто, вториот е реализиран целосно, третиот со 75,4 отсто и четвртиот со 72,7 отсто, со тоа што некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, па вкупната реализација на мерките може да достигне и до 99 отсто.

– Ако не биле преземени мерките како субвенции за плати, придонеси од плати, платежни картички и сите мерки кои беа донесени, падот на приватната потрошувачка ќе беше речиси двојно поголем, односно 11,8 отсто, наместо 5,6 отсто колку што изнесува според објавените податоци на Државниот завод за статистика, рече Заев и потсети дека сите пакети антикризни мерки за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарност, креирање амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот и спроведување на брза излезна стратегија за да продолжиме со позитивните трендови на новата развојна македонска економија.

Според анализите од вкупно 70 усвоени мерки во рамки на сите четири пакети, во тек е имплементацијата на 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека седум мерки во вредност од 150 милиони евра се во собраниска процедура.

Премиерот тврди дека полнењето на државната каса оди според планираното, дури приходите се на повисоко ниво од преткризниот период. Тој оцени дека добрата кондиција на буџетот во првиот квартал и позитивните трендови се должат на преземените мерки, но и на довербата на деловната заедница во мерките кои овозможија стопанството да не работи во грч туку да ја следи бизнис логиката дури и во вакви услови. Според него има позитивни сигнали дека економијата заздравува, на што укажува високиот раст на извозот, растот на трговијата, на кредитирањето и растот на просечната плата.

Тој изјави дека според последните макроекономски и фискални движења и очекувањата за меѓународното економско окружување, се очекува оваа година домашната економија да се врати на патеката на економски раст и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата.

-Со закрепнување на глобалната економија, очекуваме дополнително закрепнување и на надворешната побарувачка, што силно влијае на нашиот извоз, како и со растот на домашната потрошувачка, поддржан и преку антикризните економски мерки, ќе се придвижи економскиот раст. Проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 14 отсто, бруто-инвестициите раст од 7,7 отсто, приватната потрошувачка реален раст од 3,5 отсто, јавната потрошувачка од 4,3 отсто, додека бројот на вработени е проектирано да порасне за 1,9 отсто, а невработеноста да се намали соодветно на тоа, рече премиерот.

Инаку, во првиот квартал од годинава буџетските приходи изнесуваат околу 49 милијарди денари и се 22,8 проценти од вкупно планираните за годинава. Има зголемување на приходите и кај придонесите и кај даноците.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими буџетските проекции за првиот квартал се покажале како реални, а не како амбициозни. Приходната страна на буџетот има раст од 4,4 проценти, а расходите се извршуваат редовно и во рамки на проектираното. Раст има и кај капиталните расходи кои се реализирани речиси со четири милијарди денари или 16,6 отсто во однос на планираното за целата година.
Буџетскиот дефицит е понизок за 7,4 проценти и изнесува само еден отсто од БДП. Со тоа, проекцијата за економски раст од 4,1 процент за годинава, како што оцени Бесими, е реална.

– Нагласувам дека основа и предуслов за реализација и на планот за забрзан раст е заздравувањето на економијата. На тоа сме фокусирани секојдневно, истакна тој.
За јавниот долг рече дека е во рамки на проекциите. Заклучно со крајот на февруари државниот долг е 48,3 отсто, а јавниот долг е 56,7 отсто. Но, во вториот квартал задолжувањето со еврообврзница ќе се одрази со повисока стапка на јавен долг, а тоа ќе биде привремено само заради отплата на старото задолжување со 500 милиони евра од обврзницата од 2014 година.

-Уште отсега најавувам дека ќе има еден сметководствен ефект во вториот квартал, но сепак во рамките на годината ќе остане на нивото на тоа што е предвидено во Буџетот за 2021 година, рече Бесими.

Од нето задолженоста од 560 милиони оваа година, 280 милиони се на надворешниот, а остатокот на домашниот пазар.

(С.В.)