Владимир Костов, виолинист: Корона е музички знак за чекање, но таа вистински го стави светот на чекање

709

 „Корона  – музички знак кога сите чекаат неопределено време (на нота или пауза) пред да се продолжи понатаму. На почетокот овој знак ни беше шега по социјалните мрежи. Но, ситуацијата со коронавирусот вистински го стави светот на чекање“, вели за весникот ВЕЧЕР реномираниот виолинист Владимир Костов. Овој македонски музичар ја прифати понудата да биде концерт- мајстор на познатиот „No Borders Orchestra“, со кој треба да настапи на повеќе фестивали во регионов и во Берлин во август – септември, но сето тоа вели, ќе зависи од ситуацијата во светот

 

Со оглед дека сте виолинист кој има завидна музичка кариера во државата и странство, како ќе ја коментирате целата оваа ситуација со коронавирусот?

Корона  – музички знак кога сите чекаат неопределено време (на нота или пауза) пред да се продолжи понатаму. На почетокот овој знак ни беше шега по социјалните мрежи. Но, ситуацијата со корона вирусот вистински го стави светот на чекање. После ова мислам дека ништо нема да биде исто. Сведоци сме на време кога се случува нешто што ќе остави длабоки траги во историјата на човештвото воопшто. Не постои човек што оваа ситуација го остави рамнодушен, и многу е тешко да се каже како ќе се одвиваат работите понатаму.

Дали состојбата во светот, кај Вас како уметник и музичар, предизвика разочарување или напротив дополнителна инспирација за нови музички идеи, проекти и меѓународни соработки?

На почетокот пред да се сфати сериозноста на работите, мислев дека ова за брзо ќе помине, па одморот добро ќе ни дојде да се преиспитаме за некои одлуки и планови… Како што мерките со карантинот и болеста стануваа посериозни, нормално е дека предизвикува еден вид на разочарување и своевиден страв од неизвесност бидејќи буквално никој немаше никакво решение – што потоа.

Сепак, ова не може да трае вечно, па мора да почнеме полека да зајакнуваме и да застанеме на здрави нозе. Што се однесува до меѓународните проекти, засега сè е откажано или е одложено за нареден период кога ќе се создадат услови за тоа.

Со голема чест ја прифатив понудата да бидам концерт- мајстор на  познатиот „No Borders Orchestra,, со кој треба да настапиме на повеќе фестивали во регионов и настап во Берлин во периодот август – септември, но сето тоа ќе зависи од ситуацијата во светот.

Со оглед дека во изминатите два месеца беа затворени културните установи во државата и странство, а најверојатно така ќе биде најмалку и во наредните месец дена, како го користите овој период на социјална изолација која ни е наметната и што ви недостасува најмногу?

Најмногу ми недостига публиката. За неа постоиме, од неа ја црпиме енергијата и инспирацијата. Немањето можност за јавни настапи, концерти и посетување на театри на многумина ни ја сведе креативноста и инспирацијата на минимум. Сепак тоа претставува база на нашата професија.

Во неможност за концертирање, си посветив време на едно мое многу старо хоби – компјутерска графика и обработка на дигитална фотографија. Треба почесто да се присетуваме дека имањето хоби, кое ви ги полни батериите, е многу важен дел од здравиот ментален живот, нешто што во лудилото на живеење го забораваме.

Исто така, почнав да собирам податоци за едно истражување за нешто што кај нас воопшто и не постои, а во светот се пишуваат многу научни трудови. Се работи за проблеми кај мускуло- скелетниот систем кај виолинистите, еден дел од кој сите „страдаме“, а не знаеме зошто. Се работи за мошне обемно проучување, но искрено се надевам дека ќе успеам да оставам нешто што можеби би било од некаква корист.

Вие сте и концерт-мајстор во македонската Филхармонија, основач и дел од повеќе камерни оркестри. Кои се последиците кои ги трпат музичарите и воопшто музичката сцена во нашата држава од сегашната состојба?

Македонската Филхармонија, камерното музицирање се моја голема љубов. Го чекам моментот кога нашата концертна сала повторно ќе заживее со музика и публика. Мислам дека сите мои колеги го делат ова мислење. Во многу оркестри во светот ситуацијата е многу полоша бидејќи нивните финансии зависат од бројот на концерти и публика, па така што оваа ситуација ги стави во една многу лоша позиција. Мислам дека ние добро се држиме.

Како професор на Факултетот за музичка уметност одржувате и онлајн предавања на вашите студенти. Сметате ли дека онлајн концерти и претставувања на музички проекти во иднина ќе станат дел од секојдневието на музичарите?

Јас имав среќа што дел од моите студенти дипломираа точно пред да почне карантинот, еден студент треба да дипломира на есен, доколку има можности. Околу онлајн наставата, мислам дека во вакви моменти до некаде може да заврши работа во еден дел, но не и во целост. Нашите часови бараат контакт со студентите, определување на квалитетот на звукот, динамиката што преку апликација е невозможно е да се контролира. Се радувам што кај нас имаме одлични студенти кои цело ова време се трудат да не западнат во криза и ја одржуваат својата форма.

Вие го основавте и фестивалот за млади виолинисти „Виолин фест“, единствен од ваков тип во државата. Со оглед на ситуацијава какви се Вашите размислувања околу реализацијата на фестивалот?

Во цела несреќа, можеби имав среќа што за оваа година решив да паузирам со „Виолин фест“. Едноставно сметав дека е време да направам некои промени во концептот на одржување на самиот фестивал, можеби не само една вечер, можеби со повеќе настани преку годината и со една поголема меѓународна соработка. Е сега тоа „меѓународна“, со случувањата малку ме стави во неизвесност. Ќе речам има време до наредната година. Се надевам, всушност сигурен сум, дека работите ќе бидат подобри за сите.

За крај, која е Вашата порака до уметниците, музичарите и публиката?

Една мисла што ми се повторува во главата е – нашата задача допрва почнува. Културата е многу важен сегмент за подигање на духот на народот. (Д.Т.)