Владејачките СНС и СПС со заеднички кандидат на претседателските избори во Србија

35

Владејачките Српската напредна партија (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС) на претстојните избори ќе настапат со посебни листи и заеднички претседателски кандидат, одлучено е на денешната средба на лидерите на двете партии, Александар Вучиќ и Ивица Дачиќ, јави дописиникот на МИА од Белград.

– СНС и СПС и по изборите ќе продолжат да работат заедно во Владата на Србија и на ниво на Град Белград доколку граѓаните им искажат доверба, а на изборите ќе излезат со посебни листи, порача лидерот на СНС и претседател на Србија Александар Вучиќ по средбата со раководството на СПС.

Лидерот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Ивица Дачиќ изјави дека СПС заедно со Српската напредна партија (СНС) ќе имаат заеднички кандидат на претседателските избори и оти се надева дека тоа повторно ќе биде Александар Вучиќ.

Како што изјави по средбата Вучиќ, излегувањето на избори со посебни листи ќе доведе до „максимизирање“ на резултатите на партиите од владејачката коалиција.

– Тоа е наша заедничка одлука. Успешно соработуваме 10 години, разговаравме и за идна соработка и по изборите доколку граѓаните ни ја дадат довербата да продолжиме да работиме заедно на ниво на Влада и на ниво на Град Белград, изјави Вучиќ по средбата во седиштето на СНС во Белград.

Тој најави и дека двете партии ќе работат на подготовка на стратешки документ со кој ќе се дефинираат целите на соработка меѓу СНС и СПС.

– СПС има свој кандидат. Александар Вучиќ минатиот пат беше заеднички кандидат, што се однесува до нас, ако е тој кандидат за претседател на Србија, тој и понатаму е се уште и повторно ќе биде наш заеднички претседателски кандидат, изјави Дачиќ на прес-конференција во седиштето на СНС.

Тој кажа дека на парламентарните и на локалните избори ќе одат посебно, но дека СПС и СНС ќе продолжат да соработуваат и по изборите.

Дачиќ додаде дека СПС ќе оди на избори во коалиција со „Единствена Србија“ на Драган Марковиќ Палма.