Владата ја повика Снежана и и даде нова надеж за живот!

171

Откако вчера повеќето медиуми, меѓу кои и весникот ВЕЧЕР објавија дека скопјанката Снежана Караџовска, која по трагична сообраќајна несреќа остана без двете нозе, денес ќе протестира пред Влада, веќе попладнето стигна добра вест. Таа е повикана од Владата и од Фондот за здравство од каде доби ветување дека нејзиниот проблем ќе биде решен. Веќе три години таа се обидува да издејствува ФЗОМ да и ја плати интервенцијата и престојот во Холандија каде треба да и направат операција и да и вградат протези.

– Ми ветија дека ќе се исполнат некои од моите барања, а за други ќе им треба време. Ми ветија дека до четврток точно ќе се знае што од барањата веднаш ќе ги решат. Тоа значи дека протестот се одложува, да ја почекаме седницата и да видиме што ќе одлучат. Вие знаете колку е тоа тешко за мене, претешко – напиша Караџовска на својот фејсбук профил.

Операцијата и е закажана за октомври. Во меѓувреме оваа храбра жена од донации има собрано дел од потребните средства за операцијата, а од државата бара да и ги уплатат преостанатите пари за да замине за Холандија каде, како што вели, „работи тим на доктори многу години и се успешни во истото“.

Таа бара ФЗОМ да го почитува конзилиарното мислење и мислењето од други институции за лекување во странство.

– Не може по свој слободен избор комисијата да го одбива истото, а да не нуди “ништо”. Да се донесе закон каде што во решението од комисијата при ФЗОМ, мора да стои нивното мислење, конкретно, што е тоа што му нудат на пациентот и ако веќе постоело решение, зошто не му било понудено на истиот. Задолжително да стојат со име и презиме сите членови на комисијата. Како може да не се знае кој е тој што му нуди решение на пациентот. Па јас мислам дека докторите постојат поради пациентите, а не да се кријат од нив – нагласува таа.

Таа предлага под итно да се смени Законот за рехабилитација, како во центрите за рехабилитација, така и во Законот за бањи.

– Времетраењето на рехабилитација на пациентот да биде во зависност од потребите односно се до негово опоравување. За рехабилитација на бања да може да се оди со упат од физијатар и конзилиарно мислење, а не и по основ на отпусно писмо. Исто така, многу ме интересира како тоа ФЗОМ решава пациенти со дупла над колена ампутација. Како приорите или за нив приоритет е само ако пациентот е во животно загрижувачка ситуација, не дај боже да приумре, па дури и тогаш ги одбиваат, како што беше случајот на малата Тамара – вели Караџовска.