Владата тврди, ги зголемува работничките права!

Додека трае дебатата за новиот закон за работни односи

238

Според Јованка Тренчевска, министер за труд и социјална политика, на новиот закон за работни односи интензивно се работело повеќе од четири години, а формирани биле и работни групи со цел да се усогласат ставовите на Синдикатите и работодавачите со оние на Владата. Таа  посочи дека во делот на породилното отсуство има зголемување од девет на 13 и пол месеци со што таткото може да користи 4 месеци родителско отсуство и 15 дена татковство кога ќе се роди детето. Што се однесува за казнената политика доколку работодавачот не ја  почитува евиденцијата на работно време, со новиот закон за неисплаќање на додатоци  се оди директно со казна и прекршочна глоба

 

 

За да нема забуна во јавноста  дека се кршат работничките права, предлогот на новиот Закон за работни односи во моментов е на јавни расправи низ државата. Како што појасни Јованка Тренчевска, министер за труд и социјална политика на овој закон интензивно се работело повеќе од четири години, а формирани биле и работни групи со цел да се усогласат ставовите на Синдикатите и работодавачите со оние на Владата.

-Многу забуна имаше во јавноста околу тоа дека се кршат работничките права. Особено во  делот на породилното отсуство, овој нов закон го усогласуваме со европската директива  за хармонизација на семејниот и професионалниот живот. Со тоа наместо постојното породилно отсуство воведуваме три нови институти мајчинство, татковство и родителско отсуство. Во делот на мајчинството имаме пет месеци отсуство на жената, но имаме и право на жената на родителско отсуство од четири месеци. Тоа е периодот што и во моментов го има жената која ќе роди едно дете 9 месеци, во постојниот закон за породилно отсуство, што продолжува и во новиот закон – објаснува министерката Тренчевска и дополнува дека за две или повеќе деца ако се родат наеднаш се добива 12 месеци.

Што се однесува кај татковството, како што нагласува Тренчевска, се  воведува нов институт и ново право на таткото во татковство со рок од 15 дена за раѓање на едно дете или 20 за две или повеќе деца, што треба да се искористи  во времето на раѓањето на самото дете како право на платено отсуство на таткото.

-Покрај мајчинството и татковството има и родителско отсуство, односно 4 месеци за родителско отсуство на таткото што ако ги собереме сите отсуства вкупно не се 9 месеци туку 13 и пол месеци што ги даваме на двата родитела да можат да бидат со своето дете  во периодот до двегодишна возраст – вели Тренчевска.

Таа посочи дека за има доволно средства да се покријат надоместите  за породилното отсуство.

-Буџетот на Фондот за здравство е стабилен. Средства се префрлаат во согласност со законот за здравствено осигурување,а од буџетот на Министерството за труд и социјална политика се префрлаат во Фондот, а од таму и на корисниците. Во подготовка се проекциите, со оглед дека очекуваме законот да биде усвоен од Собранието на крајот на првата половина, или во почетокот на втората половина од 2023. Исплатата на правата од новиот закон ќе бидат проектирани во 2024 година – дополни Тренчевска.

Новина, според министерката, има во новиот законот во однос  на казнувањето на работодавачите и зошто е одлучено тие да се поделени на полесни и потешки прекршоци.

-Со оглед дека пристапот во казнувањето беше превентивен со цел да ги научиме работодавачите да го почитуваат законот, но таму каде што превенцијата не дава резултати се оди со казни. Но анализите на државниот трудов инспекторат покажаа дека кај опомените има измена. Опомена не може да се даде каде има тешко кршење на правата на работникот од работниот однос. Но и во делот на жалбите на второстепената комисија се случува често работодавачот да поднесе жалба и за исто дело да се добие различна одлука. За да има поголема заштита на работниците се одлучивме  да има полесни и потешки прекршувања на законот за работни односи. Опомената е за многу мал дел на прекршување како што е на пример доколку договорот за вработување  не се чува кај работодавачот и околу неизвестување на некои работнички права – вели Тренчевска.

Доколку работодавачот не ја  почитува евиденцијата на работно време, со новиот закон за неисплаќање на додатоци  се оди директно со казна и прекршочна глоба.

Со оваа измена кај казните се согласија и  од Синдикатите, но најголемиот дел од забелешките се во делот на колективните договори и на договорите на определено време. Како што нагласи министерката веќе има  усогласување, а до крајот на расправата ќе се усогласи и ставот со работодавачите.

-Во делот на определеното работно време се усогласивме да не може да трае подолго од две години и да не може повеќе од три пати за ист работник да се попишува анекс на договорот, доколку по две години работодавачот има потреба од работникот да му го трансформира работниот однос од определено на неопределено работно време. Со овој заштитен механизам правиме да не може повеќе од три пати да се потпише анекс на договор, бидејќи анализите покажуваат досега договорите на определено и можноста секој месец да се потпишува нов анекс со работниците беа предмет на злоупотреба и непочитување на она што е интенција на работодавачот со постојниот закон за работни односи – дополни Тренчевска. 

Тренчевска:Треба да има ред

Не може платата на директорот на јавно претпријатие да биде повисока од онаа на претседателот на државата

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска смета дека Предлог-законот за систем на плати во јавниот сектор не е противуставен, бидејќи, како што посочува, целта е воспоставување ред во платите во јавниот сектор.

– Сега имаме различни плати за иста работа во различни институции. Целта на овој закон е во секоја дејност, во секоја област да воспоставиме граница на највисока плата и да не може од таа плата да се оди погоре, а согласно највисоката плата надолу за останатите работни места согласно сложеноста на работа да им се пресмета платата. Да ставиме еднаш засекогаш ред во јавниот сектор, не може директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од претседателот на држава или, пак, директор на јавно претпријатие да зема поголема плата од министерот кој му е надлежен во таа област, изјави министерката Тренчевска.

Министерската посочи дека предлогот е во првична работна верзија ставен на ЕНЕР за да може да го коментираат сите. Според неа, добро е сите синдикати, работодавачи и работниците во јавниот сектор да можам да дадат свои коментари.

– Краен резултат е унапредување на правата на вработените во јавниот сектор, рече Тренчевска  и дополни дека  се очекува на јавните расправи да се подобри постојниот текст, а крајниот резултат да биде унапредување на правата на работниците во јавниот сектор.

(В.Ма.)