Владата одлучи:Продолжен викенд карантин во Скопје, Штип, Куманово и Тетово

222

По денешниот предлог кој го донесе Комисијата за заразни болести на денешниот состанок, Владата донесе одлука  за воведување полициски час од утре (4 јуни) во 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро во Скопје – сите скопски општини, во Општина Куманово, Општина Липково, Општина Штип, Општина Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Во сите останати градови полицискиот час да трае од утре (4 јуни) во 21 часот до задутре (5 јуни) до 5 часот наутро, додека во останатите денови да почнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро.

Предлог-мерките на Комисијата следат по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава.

На состанокот, што го свика министерот за здравство Венко Филипче присуствуваа членовите на Комисијата за заразни болести, претставници на локални центри за јавно здравје и претставници на Министерството за внатрешни работи на кој се разговараше за понатамошното делување во насока на спречување на ширењето на заразата.

Повторното воведување на рестриктивните мерки следува по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава во изминатите денови. Само во последното дененоќие се регистрирани 101 нов случај со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од Скопје – 59. Заразени има и во Куманово-12, Штип-седум, Струга – шест, Тетово – пет, во Гостивар и Кочани има по три случаи, Пробиштип – два, а по еден случај во Прилеп, Велес, Охрид и Кавадарци.

Институтот за јавно здравје денеска регистрира 10 оздравени пациенти и четворица починати.