Владата на Нетанјаху „преживеа“ две гласања за доверба

37

Религиозно-националистичката коалициска влада на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „преживеа“ денеска две гласања за доверба, кои беа иницирани од опозицијата во знак на протест поради планот за реформи во правосудството и масовните протести на граѓаните.

„Еден предлог не успеа со 59:53 гласови, а другиот со 60:51“, изјави претседателот на Кнесетот, Амир Охана.

Нетанјаху го одложи обраќањето до јавноста, во кое се очекуваше да соопшти дека ќе го суспендира законот за реформи во правосудството, откако неговите коалициски партнери му рекоа да не отстапува, објави израелскиот Канал 12.

Засега нема потврда за извештајот од кабинетот на Нетанјаху.

Коалицискиот партнер на Ликуд на Нетанјаху, Итамар Бен-Гвир утринава на Твитер напиша дека владата мора да продолжи со реформите во судството и „не смее да им се предаде на анархистите“, по синоќешните масовни протести.

Бен-Гвир оваа изјава ја даде откако израелските медиуми објавија дека  Нетанјаху ќе се обрати денеска предпладне.

„Јерусалим пост“ пренесува дека граѓани изутрината повторно демонстрираа пред Кнесетот и куќата на министерот за економија.

Во меѓувреме, беа прекинати и летовите од аеродромот во Тел Авив, а најголемиот синдикат во Израел започна национален штрајк во повеќе сектори, приклучувајќи се на протестите против планот на владата за реформи во судството.

Израелскиот претседател Исак Херцог изутрината ја повика владејачката коалиција веднаш да се откаже од законот за реформи во правосудството, по големите протести во таа земја.