Владата и Министерството за здравство со апел до граѓаните да не се шири паника-Потврден прв случај на корона вирус во Македонија

Македонска државјанка која неодамна се вратила од Италија е позитивна на корона вирусот. Таа вчераутро поради симптоми на грип побарала помош на Инфективната клиника каде е тестирана. По извршена детална анализа, потврдено е дека таа е заразена со Ковид-19

433

Прв случај на корона вирус во Македонија. Македонска државјанка на 50 години која неодамна се вратила од Италија е позитивна на корона вирусот. Таа утринава поради симптоми на грип побара помош на Инфективната клиника каде е тестирана на вирусот Ковид-19.

Жената била две недели болна во Италија, каде се лекувала и болна допатувала во Скопје по сувоземен пат, во комбе преку граничниот премин Табановце. Според министерот за здравство Венко Филипче сите што доаѓаат од Италија да не бидат примени на работа, туку да бидат во карантин 14 дена за да не се шири заразата.

Епидемиолозите веќе прават епидемиолошка анкета и прибирање на информации за сите лица со кои била во контакт деновиве.Олеснителна околност е што вирусот не бил во најголем интензитет.

Здравствените власти после овој прв регистриран случај на корона во земјата го зголемуваат степенот на готовност со дополнителни мерки на аеродромите, граничните премини и здравствените институции.

-Сите патници што доаѓаат од Италија ќе се третираат по препораки на СЗО, под целосна контрола на здравствените работници што ги има на аеродромите, проверка на температура и анкета за здравствената состојба на патникот – вели  д-р Жарко Караџовски од ИЈЗ и апелира дека за половина час се подготвени да се мобилизираат.

Тој апелира мирно да е  населението оти еден случај не е ништо за земјава.Здравствениот систем е подготвен и нема да има забрана на влез на патници.

-Мерките што веќе ги донесовме се во сила. Секојдневно имаме координативен состанок со Комисијаста за заразни болести за тоа како се спроведуваат мерките на петте сувоземни гранични мремини и двата аеродроми- вели министерот Филипче и дополни дека се очекува да пристигне во земјва уште еден авион од Италија.

Техничкиот премиерот Оливер Спасовски вели дека се е под контрола и дека системите се целосно подготвени да се реагира според сите протоколи.

-Апелирам граѓаните целосно да се придржуваат по препораките на Министерството за здравство оти имаме капацитет да се справиме со вирусот- кажа во Владата, Спасовски и нагласи дека јавноста навреме ќе биде инфотрмирана за следните чекори и дека треба да останеме одговорни и на високо ниво, да им веруваме на институциите.

Министерот Филипче нагласи дека стартувана е најбрзата постапка за набавка на дезинфекциски средства за образовните институции,која што ќе трае четири до пет дена, по што од понеделник тие ќе бидат распоредени по овие институции.

Тој најави дека во текот на денешниот ден стартува и постапка за набавка на уште дополнителна опрема за медицинскиот персонал.

Министерот Филипче исто така кажа дека веќе се откажани сите студиски посети и средношколски и апсолвенски екскурзии за Италија.

Што се однесува за употребата на маските, министерот вели дека на отворен тие не штитат, напротив поголем е ризикот на инфекција заради манипулацијата со нив.

-Недостатокот на маски е насекаде во регионот, но ние имаме сосема доволна количина која што е наменета за здравствените работници-вели Филипче и додава дека е разговарано цо Царината да се надмине техничкиот проблем со кои што се соочуваат аптеките за набавка на  чист алкохол.  

Здравствениот систем е подготвен и спремни се сите капацитети на Клиниката за инфективни болести и на трите инфективни одделенија во Штип, Велес и Гостивар со вкупно 150 кревети.

(В.Ма.)