Владата и министерствата со единствено веб решение од следната година

107

На почетокот на следната година веб-страниците на Владата и министерствата треба да бидат редизајнирани и унифицирани во насока на поголема транспарентност и отчетност и интерактивност со граѓаните.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска најави дека во примената на новиот концепт, што е дел од реформите на администрацијата преку дигитализација на процесите, ќе се користат искуства на Србија. Со Меморандумот за соработка што Манчевски го потпиша со директорот на Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа во Владата на Република Србија, Михаило Јовановиќ, се предвидува размена на знаење и искуства од дигитализацијата на српската јавна управа во изминатите две години.

– Колегите од Србија воведоа конкретен механизам за комуникација со граѓаните кој можат преку веб-страницата на Владата да упатат конкретно прашање и има конкретни рокови во кои мора да добијат одговори од соодветната институција, изјави Манчевски, наведувајќи пример за функционалноста на концептот наречен „Единствено веб решение”.

На овој концепт, во последните неколку месеци работела работна група формирана од претставници на институциите, Националниот совет за ИКТ, предводен од Владо Цветковиќ од Србија, како и претставници номинирани од Дигиталниот форум.

Како што дополни министерот, на многу едноставен и лесен интерактивен начин граѓаните веднаш ќе добиваат одговори од институциите, а има и јавна статистика на бројот на одговори и времето што било потребно да бидат доставени.  Меѓуресоркса група веќе работи на концептот, ова е финална фаза во која ни требаат овие искуства, во текот на есента ќе поченем со јавни набавки и на почетокот на 2020 година ќе имаме целосно редизајнирани веб страни, рече Манчевски.

Веб страните на нашите институци, укажа, моментно се со застарен дизајнерски пристап, нефлексибилни, се фокусираат само кон вести и соопштенија, не се сервисно ориентирани и нудат многу малку услуги за граѓаните. Платформите што се користат за веб-страниците некаде се постари од 10 години, најчесто не ги исполнуваат современите стандарди за безбедност, не се пристапни за лица со попречености и не дозволуваат унапредување и посериозно редизајнирање.

– Во иднина веб страните нема да информираат само за активностите на министрите, како што е тоа случај сега, туку ќе ги нудат потребните информации за услугите кои им се потребни на граѓаните, на многу поедноставен начин. Ќе ја промовираат земјата и ќе привлекуваат туристи. Ќе ги нагласуваат бизнис придобивките кои ги нуди Владата, како би привлекле повеќе инвеститори во Северна Македонија, наведе Манчевски, потенцирајќи дека менувањето и унифицирањето на веб-страниците на Владата и министерствата е многу повеќе од менување на нивниот изглед и подобрување на нивните функционалности. Се менува целиот начин на којшто ќе комуницираме со граѓаните и ќе објавуваме информации.

Јовановиќ, од своја страна, посочи дека Меморандумот за соработка во дигитализацијата е продолжение на активностите во таа насока од дигиталните самити за Западен Балкан, што се одржаа во Скопје и во Белград.

– Програмата и концептот за дигитализација што премиерката Ана Брнабиќ го постави во приоритетите на Владата на Република Србија за две години доведе до развој на нови системи за електронска управа. Веќе забележуваме дека државите од регионот ги препознаа значењето и можностите по електронски пат да се направи трансформација на јавните управи во ефикасен сервис во којшто граѓаните и стопанството се во центарот на вниманието, рече Јовановиќ, порачувајќи дека регионот ќе се развива само со размена на знаења, искуства и идеи базирани на дигитализација помеѓу државите.

Како што најави Манчевски, следен чекор во соработката во областа на дигитализацијата со Србија е потпишување договор за меѓусебно признавање на електронски сертификати, што се планира за почетокот на септември