Владата ветува дека ќе го заврши Кичево-Охрид, а ќе изгради и нови 250 километри автопат

Четиригодишната програма содржи и обврска за градење 950 километри локални патишта, проширување на 300 километри експресни и регионални патишта, обнова на патни правци во должина од 1.500 километри, изградба на мостови, проширување на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, отворање на нов граничен премин Лојане-Миратовац

235

Завршување на „историската“ изградба на автопатот Кичево-Охрид и на други започнати патишта, но и работа на нови 250 километри автопати, 950 километри локални патишта, проширување на 300 километри експресни и регионални патишта, како и обнова на патни правци во должина од 1.500 километри.
Ова е содржано во агендата на владата за време на нејзиниот четиригодишен мандат. Според програмата за работа, на инвестициите во патната инфраструктура во тој период треба да се потрошат уште две милијарди евра.
Како што појаснуваат од Владата завршени се 80 проценти од работите на автопатот Кичево-Охрид. Од овој автопат, чие пуштање во употреба со години се развлекува, од почетокот на летово требаше да се вози по 30-ина километри од делницата Врбјани – Охрид, но тоа не се случи, не само поради пандемијата. На изградба чека и автопатот Скопје-Блаце, каде во тек се подготвителните активности, а изградбата е во тек само на два километра кај границата. Во план е изработка на проектна документација за нова автопатска делница Велес – Прилеп – Битола иако во изградба е експресен пат кој се надоврзува на патот Градско-Прилеп, кој има три ленти. Документација ќе се подготвува и за изградба на делниците Струга-Требеништа, Струга – Ќафасан, Гостивар – Кичево и Тетово – Гостивар.
Во делот на изградба и проширување на експресни и регионални патишта Владата најавува дека ќе се работи на делниците Смоквица – Струмица – Ново Село, обиколницата Битола – Меџитлија, Штип – Радовиш, која е во изградба, Извор-Бошков Мост, како и на експресниот пат Штип – Кочани, каде првата делница Штип – Крупиште е пуштена во употреба.
Земена е обврска и за продолжување на работите на делниците Куманово – Крива Паланка, Куманово – Ранковце и и Ранковце – Крива Паланка, Делчево – Кочани, Градско – Прилеп и на обиколницата на Тетово. За четиригодишниот период најавена е изградба и на патот Тетово-Призрен.
Со планот за рехабилитација се опфатени голем број делници. Истовремено ќе се инвестира и во изградба на мостови и санирање на црни точки. На Коридорот 10 ќе се изгради интелигентен транспортен систем (ИТС) за контрола и информирање при временски непогоди, застој на патот, мерење густина на сообраќај и тежина на тешки возила, контрола при транспорт на опасни материи и друго.
Посебен фокус Владата најавува дека ќе стави на реновирање и проширување на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, а ќе се анализира можноста за проширување и на преминот Јажинце и за отворање на новиот граничен премин Лојане-Миратовац.

(С.В.)