ВКЛУЧЕН АЛАРМОТ:Кучиња скитници ги плашат жителите на Железара

495

Кучиња скитници им предизвикуваат страв на жители на населба Железара. Елена Гиновска преку социјалните мрежи алармира дека состојбата е многу сериозна и моли надлежните да преземат мерки.

– Ве молам општината да преземе мерки и да го реши проблемот со кучињата скитници во населба Железара. Околу зградите на улицата „Душан Тасковиќ“ има 5-6 кучиња, кои постојано лаат, се пуштаат на се што поминува, а да не зборуваме за децата што играат таму. Никој не ги провоцира и напаѓа, а тие се агресивни, особено наутро и навечер. Пред да се случи трагедија, ве молам преземете нешто. Станува алармантно – апели Гиновска.

Жителите велат дека некој со комбе поминувајќи по улицата ги исфрла кучињата и затоа секојден по некое ново животно шета низ населбата.

– Факт е дека постојано носат нови и тогаш настанува проблем и борба за територија. И секако, ако некој ги малтретира на било каков начин, памтат. На секој од вас по дома му останува малку храна, не ја фрлајте, оставајте им ја на одредени места.Тие не се виновни што се на улица. Виновни се сопствениците што не си ги стерилизираат кучињата и нивниот пород го исфрлаат на улица – додава Мирјана Подолешова.

(С.Бл.)