Висок функционер на ДУИ со закани по отказите на рамковните во ЈП „Комунална хигиена“

182

Висок функционер на ДУИ упати закани кон скопската градоначалничка Данела Арсовска, која заедно со новата директорка на ЈП „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, реши да расчисти со рамковните вработени во претпријатието. Поради тоа што преку агенција за привремени вработувања триесет и три лица со месеци и години земале плата, а не оделе на работа, одлучено е да не им се продолжат договорите на дело.

– Во ЈП „Комунална хигиена“ мора да се стави крај на расипничкото трошење на парите на граѓаните и посветено да се работи на подобрување на услугите и на исполнување на нашите обврски кон граѓаните – информираа од ова јавно претпријатие.

Преку Фејсбук, веднаш се огласи заменик-директорот на УЈП, Абдул Селами, инаку член на ДУИ, кој ѝ порача дека не може да прави што ќе посака.

– Данела, немој да мислиш дека си нашла „планина без волк“, па ќе можеш да правиш што сакаш. Даноци на имот, плаќања за вода, за општинска хигиена, за паркови и зеленило – тоа се плаќања од истите граѓани што ти со ова твое владеење ги запоставуваш и ги третираш како граѓани од втор ред. Немате предвидено ниеден кадар Албанец во дирекцијата, каде што раководи Градот Скопје, па од неодамна почна и да отпушташ работници Албанци од работа! Саламандии можеш да кажуваш во приватниот сектор или во твојата компанија, од каде што доаѓаш, но не и со народните пари на граѓаните на Скопје – вели Селами, кој, по неколку часа, ја избриша објавата на Фејсбук.

Во ЈП „Комунална хигиена“ се случил инцидент во кој службеници од Секторот за односи со јавност и од обезбедувањето на претпријатието не дозволиле новинари да информираат за случувањето со отказите и вербално се расправале со нив. Од претпријатието информираа дека е започната дисциплинска постапка кон вработената што го предизвикала инцидентот.

– Работниот процес мора да се одвива професионално и со почит кон секого. Претпријатието е отворено и транспарентно за сите граѓани и медиуми и во иднина нема да се дозволи недолично или несоодветно однесување во претпријатието, а сѐ во насока на имплементација на реформи за подобри работни процеси во интерес на граѓаните – нагласуваат од ЈП „Комунална хигиена“.

Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го осудија инцидентот во кој, како што соопштија оттаму, „службеничката која се претставила како одговорна за односи со јавност, по претходна вербална расправа со двајцата новинари, на едниот му го одзела телефонот и одбивала да го врати“. Од ЗНМ наведоа дека тројца членови на обезбедувањето од Дирекцијата на „Комунална хигиена“, против волја на двајцата новинари, ги задржале во просториите на оваа институција и тие биле ослободени дури откако пристигнале припадниците на МВР, кои дошле набргу по претходна пријава од еден од новинарите.

– Инцидентот претставува тешка повреда на правата на новинарите и попречување во нивната работа како и правото за слободно движење. Колегите Салиу и Тахири уредно закажале средба со претставници за односи со јавноста за прилог поврзан со прашања од работните односи во оваа институција и тие имале обврска да одговорат на новинарските прашања, а не да ја одземаат нивната опрема, како и незаконски да ги држат, против нивна волја, во просториите на јавното претпријатие – потенцираат од ЗНМ.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги нагласија дека сите треба да се однесуваат пристојно и достоинствено, особено при вршењето на своите работни задачи.

– Јавните институции треба да бидат отворени и транспарентни и да вложат максимални напори да им овозможат на претставниците на медиумите непречен пристап до информации при известувањето за теми кои се во интерес на јавноста. Доколку новинарите на кој било начин се спречени да дојдат до бараната информација, треба да ја информираат јавноста за тоа. Воедно, при вршењето на својата работа, медиумските работници треба да покажат професионална одговорност, да ги почитуваат етичките и новинарски принципи и стандарди при известувањето и да го чуваат угледот на својата професија – потенцираат од АВМУ.

Арсовска: Не правам разлика ниту по етникум ниту по вера, туку помеѓу луѓе што работат!

Скопската градоначалничка Данела Арсовска смета дека заканите од каков било вид во општеството не смее никој да ги дозволи, уште помалку да ги стимулира, особено видни владини функционери. Таа појаснува дека тоа што некому не му бил продолжен договорот значи дека раководството не е задоволно од неговата работа, а најголемиот дел од тие лица на кои не им се продолжени договорите, воопшто и не се појавувале на работа.

– Таму не се работи за етникум, таму има лица од сите етникуми. Доколку некој смета дека овие лица треба да бидат поддржани во тоа да не доаѓаат на работа и да не ги извршуваат своите работни обврски, треба да излезе јасно и гласно да го каже тоа. Ние го имаме  добиено својот мандат од граѓаните за да им се испорачаат најдобрите можни услуги и притоа да нема непродуктивни трошења за лица што не си ги извршуваат своите работни обврски. На крајот, одговорноста дали работата се завршила како што треба или не, е наша – истакна Арсовска.

Таа потенцира дека ваквата состојба трае со децении и најави реформи во јавното претпријатие со цел да се знае кој и како работи и дали воопшто се појавува на своето работно место.

– Верувам дека не постои граѓанин кој ќе го поддржи тоа некој да не доаѓа на работа, а да прима плата од даноците, од средствата на граѓаните. Ова се сериозни работи, започнуваме со реформите и не треба да се застане со тоа, треба да има одговорност за оној што дозволил некој да седи на работното место и ништо да не работи. Верувам дека секој еден на кој му биле дадени работни задачи, требало соодветно да си ги извршува – потенцира Арсовска.

Таа нагласи дека во Градот Скопје сите луѓе се скопјани, но потсети дека постои балансер што се почитува.

– Јас, како градоначалник, не правам разлика кон ниту еден скопјанец – ниту по етникум ниту по вера. Правам разлика помеѓу луѓе кои работат и испорачуваат за скопјани – децидна е Арсовска.

(С.Бл.)