Вирџинија ја легализираше марихуаната

26

Генералното собрание на американската држава Вирџинија го даде конечното одобрување за нацрт-законот за легализирање на поседување мала количина марихуана и за ограничено домашно производство од 1 јули 2021 година, три години порано отколку што првично беше планирано.

Сенатот и Претставничкиот дом вчера, и покрај силното противење на републиканските пратеници, усвоија закон според кој возрасните од 1 јули можат да поседуваат марихуана за лична употреба.

Гувернерот на Вирџинија Ралф Нортам, кој е од Демократската партија изјави дека државата „влегла во историјата како прва јужна држава што легализирала поседување марихуана“.

– Законите за марихуана експлицитно се насочени кон заедницата на луѓе со обоена кожа, а црнците во Вирџинија имаат непропорционално поголема шанса да бидат уапсени, обвинети и осудени, рече Нортам.

Неколку американски држави, како што се Њујорк или Колорадо, презедоа слични мерки, но Вирџинија е пионер во јужниот дел на САД, регион кој е социјално и политички многу конзервативен.

Постарите од 21 година ќе можат легално да поседуваат нешто повеќе од 28 грама марихуана за лична употреба, а дозволено е да се одгледуваат четири растенија по домаќинство.

Сепак, пушењето џоинт на јавни места нема да биде дозволено, исто како што не е дозволено конзумирање алкохол.

Производството и продажбата на марихуана нема да започне пред 2024 година.

Извор: МИА