Виршлите „вуди“ итно се повлекуваат од маркетите, пронајдена бактерија листерија

По наредба на Агенцијата за храна и ветеринарство

87

Како што информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) бактеријата е регистрирана во виршлите „вуди“, од кои во Италија се затруле дел од потрошувачите. Спорните серии од производителот Agricola Trevalli Soc Coap ARL од Италија, во земјава биле увезени преку компанијата „Колид С Тим“ од Колешино-Струмица. – Кај компанијата увозник извршен е вонреден инспекциски надзор и утврдено е дека од спорните серии, кои во земјава биле увезени во неколку наврати, во магацините се наоѓаат 3.030 килограми, кои се ставени под службен надзор. Овие количества, заедно со тие кои ќе бидат повлечени од пазарот, ќе бидат уништени, истакнаа од АХВ. – Се повикуваат потрошувачите кои ги имаат купено посочените серии од производот, да не ги употребуваат, односно да ги вратат на местото каде што се купени

 

  

Итно повлекување од сите продажни места на неколку небезбедни серии од  виршлите од брендот „вуди“ (Wudy), нареди вчера Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Како што информираа од Агенцијата, тој производ се повлекува врз основа на добиена нотификација за пронајдена бактерија од типот листерија моноцитогенес (Listeria мonocytogenes ST 155), кај производ на виршли од овој бренд во Италија. Според надлежните, податокот е дел од контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (RASSF) на ЕУ.

– Кај компанијата увозник извршен е вонреден инспекциски надзор и утврдено е дека од спорните серии, кои во земјава биле увезени во неколку наврати, во магацините се наоѓаат 3.030 килограми, кои се ставени под службен надзор. Овие количества, нештетно ќе бидат уништени заедно со количествата кои ќе бидат повлечени од пазарот, истакнаа од АХВ.

Оттаму додадоа дека за небезбедниот производ преку RASSF системот на ЕУ е известена Италија, која врз основа на појавата на труење, предизвикано со патогената бактерија Lysteria monocitogenes ST 155, ја креирала наведената нотификација која била поткрепена и со лабораториска анализа. Спорните серии од производителот Agricola Trevalli Soc Coap ARL од Италија во земјава биле увезени преку компанијата „Колид С Тим“ од Колешино-Струмица.

– Се повикуваат потрошувачите, кои ги имаат купено посочените серии од производот, да не ги употребуваат, односно да ги вратат на местото каде што се купени. Секоја недоследност во однос на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават лично до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk, потенцираа вчера од АХВ.

Во Македонија, за среќа, ова лето нема регистрирано ниту еден случај од ова бактериолошко заболување. Статистиката за заразни болести ја води Институтот за јавно здравје преку месечен извештај, при што во последниот, каде што се содржани податоците за месец август, нема ниту еден случај на заразен со бактеријата предизвикувач на болеста листериоза. Ниту на инфективните одделенија низ земјава не се лекувани пациенти заразени со оваа бактерија.

Лабораториските анализи велат дека листеријата е бактерија која содржи десет различни соеви, а една од нив е Листериа моностогенес,која ја предизвикува болеста листериоза. Листериозата се добива само преку консумација на храна загадена со оваа бактерија. Во зеленчикот бактеријата ја нема во големи количини, но во сувомеснатите производи може да ја има повеќе. Високата стапка на смрт поврзана со оваа инфекција ја прави загрижувачка за јавното здравје, но за среќа таа не се пренесува од човек на човек, само преку консумација на храна која има листерија.

Симптомите на листериоза може да варираат од умерени симптоми, како што се гадење, повраќање и дијареја до посериозни инфекции како што се менингитис и други компликации кои се потенцијално го загрозуваат животот на луѓето. На оваа болест најподложни се старите лица, бремените жени, новороденчињата и лицата со слаб имунолошки систем. Лекувањето е со соодветна антибиотска терапија.

Во согласност со последниот Извештај за зоонози на ЕФСА и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), бројот на лица заболени од листериоза во 2018 година е приближен како во 2017 година. Така во ЕУ во 2018 година биле пријавени 2.549 случаи, додека во 2017 година бројот на пријавени случаи достигнал 2.480.

Критична беше 2015 година, кога беше регистрирана  епидемијата на инвазивна Listeria monocytogenes (L. monocytogenes)во пет земји-членки на ЕУ  и тоа  во Австрија, Данска, Финска, Шведска и Обединетото Кралство. Причина за оваа појава е епидемиолошки потврдена со секвенционирање на целиот геном (WGS) на бактеријата изолирана од замрзната пченка на една фабрика во Унгарија.

(В.Ма.)