„Вирусот не e на одмор, но ниту терористичката закана“, вели француската министерка за одбрана Флоранс Парли

47

Министерката за вооружените сили на Франција, Флоранс Пари потсети на присутноста на терористичката закана, откако епидемијата „Ковид-19“ од пролетта се најде во првите редови на загриженоста на Французите, јави дописникот на МИА.

– Многупати е кажано дека вирусот не оди на одмор, но терористичката закана исто така не оди на одмор, изјави министерката за време на посетата на војниците на анти-терористичката операција „Сентинел“ распоредени во Лион.

Пред печатот, таа ги пофали „адаптивните“ капацитети на овие сили „да ги заштитат Французите на местата за одмор“.

– Французите се помалку во градовите, а можеби повеќе на плажите. Значи, операцијата Сентинел ги придружува овие големи миграции што се случуваат во текот на летото, нагласи таа.

Во Лион, Сентинел е распореден пред сè „на станиците, аеродромот“, но и „насекаде на непредвидлив начин“ со цел „да биде крајно реактивен“, увери министерката без да даде детали за бројот на мобилизираните војници. Оваа воена сила е „штит, но исто така е меч, способна да реагира во случај на закана“, инсистираше таа.

Создадена по терористичките напади во јануари 2015 година, операцијата Сентинел мобилизира 7000 војници во Франција. Овие војници ги штитат верските места (синагоги, џамии …), места кои се особено изложени на терористички ризик или многу чести (туристички места, станици …). Тие се присутни скоро трајно на одредени места, како што се аеродромите или музеите. Операцијата може „да достигне до 10 000 (војници) во случај на исклучително голема закана и по барање на Претседателот на Републиката“, посочи министерот.