„Виолински класици“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија, кој ќе се одржи в четврток, во 20 часот, во Филхармонија. Како солист ќе настапи македонскиот виолинист Александар Димчевски, а диригент е Румон Гамба од Велика Британија. Во рамките на програмата присутните ќе имаат можност да ја слушнат увертирата „Земја на планина и поплава“ од Хамиш Меккан, Концертот за виолина и оркестар од Макс Брух и Симфонијата број 7 од Антонин Дворжак.

Увертирата „Земја на планина и поплава“ (1887) премиерно ќе биде изведена на македонската сцена, а нејзиниот автор, шкотскиот композитор Хамиш Меккан (1868–1916), најголемата популарност, всушност, ја стекнал токму со ова дело. Во 1970-тите години, увертирата беше искористена во шкотската ТВ-серија „Законот на Сатерленд“, која ја продуцираше Би-би-си и, на некој начин, неговото име повторно почна да се слуша во јавноста. Музиката на Меккан е романтичарска и во неа се чувствува силно влијание од она што го креираа неговите претходници како што се Дворжак, Менделсон, Григ, па и Вагнер.

Виолинскиот концерт во ге-мол,пак, е најизведуваното и најпознатото дело на германскиот композитор Макс Брух (1838–1920), иако тој зад себе оставил голем број други импресивни творби, кои претежно ги обликувал со боите на народните песни за кои особено се интересирал. Но, поради нивната еклектичност, тие не се одржале на сцената. Симфонија бр. 7 поседува богатство од тематски идеи – од темни и мрачни до пасторални, со прекрасни мелодии што ја дефинираат целокупната атмосфера.

Британскиот диригент Гамба, во својата досегашна кариера, бил шеф-диригент и музички директор на Шведската оперска компанија Норланд опера, шеф-диригент на Алборг симфонискиот оркестар, како и шеф-диригент и музички директор на Симфонискиот оркестар на Исланд.

Тој особено се фокусира на современата музика и неговото име стои зад светските премиери на „Две момчиња“ на Нико Мулеј во Англиската национална опера, Концертот за виола на Брет Динсо Би-би-си симфонискиот оркестар, националните премиери на „Танцувач во ноќта“ на Пол Рудерс, „Крв на подот“ од Марк Ентони или „Скерцоид“ со Норланд опера, како и австралиската премиера на оригиналната верзија на Симфонија бр. 5 од Сибелиус… Виолинистот Димчевски, пак, се етаблира како сестран уметник, настапувајќи како солист, камерен музичар, како концерт-мајстор, но и како педагог.