“…Петрунија” со нови три престижни награди во светот

94

Филмот “Господ постои, името ѝ е Петрунија” на Теона Стругар Митевска се закити со уште три престижни награди. На штотуку завршениот фестивал All About Freedom Festival во Гдањск, Полска, ја доби главната награда за најдобар филм. Главната награда која ја освои Петрунија е парична во вредност од 7.000 евра. Полскиот дистрибутер на филмот Aurora films планира да ја започне дистрибуцијата во Полска на почетокот на следната година.

На Тузла Филмскиот фестивал во Босна и Херцеговина “… Петрунија” ја освои главната награда Златната Вила за најдобар филм.

Уште едно признание, овој пат за главната актерка доаѓа од штотуку завршениот Македонски филмски фестивал во Торонто, каде Зорица Нушева ја освои наградата за најдобра женска улога.

Во месец октомври, Петрунија патува дури на десет фестивали ширум светот, со што веќе се приближува на околу седумдесет фестивалски прикажувања досега, а според неверојатната есенската фестивалска побарувачка сигурно нема да застане на оваа извонредна бројка.