Виз Ер потсетува: Шалтерите на скопскиот аеродром затвораат еден час пред летот

145

Патниците кои со Виз Ер полетуваат или слетуваат на Меѓународниот аеродром Скопје, ако сакаат да го фатат летот, на шалтерите за регистрација треба да пристигнат најмалку еден час порано.

Визер ги извести своите патници од и до скопскиот аеродром дека поради оперативни причини шалтерите за регистрација се затвараат точно 60 минути пред времето на полетување.

-Поради тоа, Ве молиме планирајте да пристигнете на Аеродромот соодветно, за да имате доволно време за регистрација и/или за пријавување на багажот. По регистрацијата, веднаш продолжете кон пунктовите за безбедносна проверка. На Портите (Gates) задолжително е да сте присутни и подготвени за влегување во авион не подоцна од 30 минути пред закажаното време на полетување. Со цел поефикасна проверка, на Портите (Gates) бидете сигурни дека патната исправа Ви е подготвена за да ја приложите, соопшти Виз Ер.

Оваа авиокомпанија која организира евтини летоди од скопскиот и охридскиот аеродром со субвенции од Владата, во истото соопштение ги потсетува патниците и дека има строга политика за дозволениот рачен багаж.

-Не можеме да гарантираме дека сите парчиња рачен багаж ќе бидат сместени во патничката кабина на авионот. Кога ќе се достигне максималниот број на парчиња багаж во кабината на авионот, заради Ваша удобност и со цел авионот навреме да полета, Вашиот багаж може да биде сместен во одделот за багаж на авионот. Доколку не се појавите навреме за влегување во авионот, Вашите пријавени парчиња багаж ќе бидат истоварени, а авионот ќе полета без вас, пишува на фејсбук профилот на Виз Ер.