„Виз ер“ ги откажа летовите од Дортмунд до Охрид и редуцира неколку лета од Скопје

Од својата база во Скопје, авиокомпанијата овој и наредниот месец ги намалува операциите кон Базел, Келн, Гетеборг и кон Фридрихсхафен. Откажани или со намалени фереквенции се и летови од повеќе аеродроми од земјите на поранешна Југославија

10410

Недостигот на персонал предизвикан од боледувањата поради новиот бран на коронавирусот го принуди нискобуџетниот „Виз ер“ привремено да суспендира шест линии од пет пазари во поранешна Југославија, а, исто така, да го намали и бројот на некои летови.

Она што ги засега македонските граѓани се летовите од Дортмунд до охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“, кои се откажани до 2 септември.

Исто така, погодени се и услугите на авиокомпанијата во Приштина, Тузла, Љубљана и во Белград. Според специјализираниот портал Exyuaviation, „Виз ер“ ги откажува своите летови од Шарлроа до Љубљана до 4 септември. Со тоа, „Брисел ерлајнс“ станува единствениот авиопревозник што лета меѓу Белгија и словенечкиот главен град, иако и тој ги намалува услугите на 22, наместо 26 лета што треба да се реализираат во текот на јули. Исто така, до 31 октомври се откажани летовите од базата во Белград до Билунд, кои потоа ќе се реализираат трипати неделно. Прекинати се и летовите од Дортмунд и од Рим до Приштина, а ќе бидат обновени на 2 септември, односно на 2 октомври. Слично на тоа, авиопревозникот ги откажа сите свои летови од Тузла до Милано ова лето, а планира да ги обнови на 30 октомври со две неделни ротации.

„Виз ер“ соопшти дека патниците што се засегнати, ќе бидат контактирани преку е-пошта и ќе им се понуди можност повторно да резервираат или да добијат рефундирање.

По привремената суспензија на шесте линии од поранешна Југославија, „Виз ер“, исто така, најавува намалување за пет проценти на бројот на летови во својата мрежа. Овој месец и во август, ќе се намалат фреквенциите на голем број летови. Засегнат е и Скопскиот аеродром. Од својата база во Скопје, авиокомпанијата ги намалува операциите кон Базел, Келн, Гетеборг и кон Фридрихсхафен. Потоа, од Белград ќе бидат намалени фреквенциите до Дортмунд и до Малме, додека од базата во Сараево, „Виз ер“ ги намалува операциите кон Келн и кон Копенхаген. Од Љубљана, фреквенциите ќе бидат намалени до Лондон Лутон, Бања Лука ќе ги намали фреквенциите кон Базел и кон Малме, Приштина и Ниш ќе имаат кратење на операциите кон Виена, а се намалуваат и услугите меѓу Подгорица и Рим. Хрватското крајбрежје, исто така, ќе биде погодено со прекини на фреквенцијата од Рим до Дубровник, како и од Познањ до Сплит.

– Превозникот беше принуден да откаже стотици летови ова лето, а операциите надвор од Обединетото Кралство и Унгарија, беа особено погодени – пишува Exyuaviation и додава дека остануваат можни понатамошни промени и откажувања, бидејќи авиокомпанијата се бори со недостиг на персонал и со тоа што голем број членови на кабинскиот екипаж земаат боледување во услови на нов бран на коронавирус-инфекциите низ Европа.

Според информациите од компанијата, ова лето ќе има кратење на летовите не само поради недостигот на работници туку и поради штрајковите по европските аеродроми. Оваа информација што ја пласираше „Виз ер“ доведе до пад на неговите акции од околу пет проценти. Летови откажуваати други авиокомпании. По падот предизвикан од омикрон варијантата на коронавирусот, ова лето побарувачката за авионски превоз драстично порасна, но штрајковите и недостигот на вработени принудуваат да се откажат илјадници летови и предизвикуваат долги редици на големите аеродроми низ Европа. Авиопревозниците ги качија цените за летовите за да ги надоместат трошоците за гориво, додека пилотите и авионскиот екипаж бараат повисоки плати поради инфлацијата.