„Визер“ ги обновува суспендираните летови од Македонија на 17 мај, а од регионот почнува со Белград од петок

Има две опции за обесштетување на патниците кои имаат билети за суспендираните летови. Можат да добијат 120 проценти од парите ако им се префрлат на нивната Виз-сметка и да се користат во наредните 24 месеци за набавка на производи и услуги на „Визер“, или да добијат 100 насто од парите на својата сметка, но тој процес трае подолго

9776

Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ со летовите од и до Македонија продолжува од 17 наредниот месец, откако претходно во два наврата ги суспендираше поради коронакризата. Од скопскиот аеродром подоцна од овој термин, од 2 јуни, ќе се обноват летовите за и од Малта. Од 1 мај, пак, „Визер“ постепено ќе ги обнови и летовите од и до аеродромите во земјите од регионот.

Како што официјално соопшти оваа авиокомпанија, патниците кои резервирале билети за суспендираните летови ќе бидат обесштетени. Оние кои резервациите ги направиле директно на веб-страницата или преку мобилната апликација на авиокомпанијата, за начините на кои ќе бидат обесштетени ќе бидат известени преку електронска порака.

Има две опции за обесштетување. Парите може да се прикачат на Виз-сметката на патникот и во тој случај повратот е 120 проценти, но овие средства треба да се искористат во наредните 24 месеци за набавка на производи и услуги на „Визер“.

Оние кои сакаат да добијат готовина ќе имаат поврат од 100 отсто од оригиналната цена. Но, процесот ќе трае подолго, а патниците во посебна е-пошта ќе бидат информирани за потребните чекори за банкарски трансфер или трансфер на банкарска картичка.

Патниците, пак, кои резервирале преку туристички агенции, вклучувајќи ги и онлајн агенциите, треба да стапат во контакт со компанијата од која ги купиле билетите.

„Визер“ засега нема информации за поместување на термините за почеток на летовите од и до македонските аеродроми, но како што пишува специјализираниот портал „Ексјуавиејшн“, веќе има најава дека со ограничен распоред на летови за Белград ќе почне од 1 мај, петок, наместо од 15 мај, како што беше претходно најавено. До главниот град на Србија, „Визер“ ќе продолжи со операциите од лондонски Лутон, три пати неделно во текот на првата недела, а до 11 мај бројот ќе се зголемува до четири лета неделно. Според порталот билетите веќе се пуштени во продажба.

Порталот пренесува дека директорот на „Визер“ во Велика Британија, Овен Џонс, рекол дека при обновата на летовите од Лутон примарна грижа на компанијата и се здравјето и сигурноста на патниците и персоналот, па затоа се воведуваат заштитни мерки.

-Кабинскиот персонал ќе мора да носи маски и ракавици за време на летот и ќе им дели дезинфекциски марамчиња на патниците. Авионите ќе бидат дезинфицирани преку ноќта. Патниците ќе ги замолиме да се чекираат и да го извршат плаќањето за багажот преку интернет, за да се намали контактот меѓу луѓето на аеродромот, додава Џонс.

„Ексјуавиејшн“ наведува дека генералниот  директор на „Визер“, Јозеф Варди, предвидува постепено враќање на летовите од мај.

-Сега ни летаат четири авиона, односно само три отсто од вкупниот капацитет. Од 1 мај ќе имаме околу 10 отсто од флотата во воздух. Мислам да видиме како полека ќе се олеснува ситуацијата во текот на мај или јуни. Не знам. Она што знаеме е дека состојбата станува неодржлива. Можеби на крајот на мај или во јуни ќе бидеме на 30 отсто, вели тој.

Негова прогноза е дека ќе бидат потребни пет до шест месеци за да се достигне полн капацитет, а за тоа време цените ќе паднат.

-Многу ниските цени ќе го поттикнат пазарот и луѓето ќе патуваат. Прво ќе ни се вратат помладите, па дури потоа постарите. Патувањата ќе бидат пред службените летови, бизнис патувањата ќе бидат слабо застапени, информира Варди.

Инаку, македонската Влада има договор за субвенционирање на летовите на „Визер“ до и од нашата земја. Овој договор во моментов е во мирување поради суспендираните летови. Како поддршка на авиокомпанијата досега се исплатени само 22 проценти од планираните средства, или од вкупно 94 милиони денари, доделени се 21 милион.

(С.В.)