Претседателот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, остро ги критикуваше своите кошаркари по поразот во грчкиот Куп од екипата на Промитиас. Првиот човек на грчкиот великан е познат по контроверзните изјави, а покрај тоа што ги напаѓа челниците на другите клубови, суров е и кон своите кошаркари.

Јанакопулос пред неколку години ги принуди играчите на клубот да се вратат од Истанбул во Атина со автобус откако претрпеа пораз од Фенербахче, што некои играчи го одбија. Сега Димитрис повторно беше многу груб кон играчите кои, засега, се чини дека избегнаа парични казни.

  • Она што ми пречи е дека немавте ма*иња да им се извините на навивачите и организаторите. Вие изгубивте од тим чиј вкупен буџет е помал од вредноста на вашите патики. Срам за организацијата, мора да разберете за каков тим играте, истакна Јанакопулос на тренингот на тимот по поразот во Купот на Грција.

Одговорот од страна на играчите следуваше веднаш, на официјалната веб-страница на клубот.

  • Ние сакаме да им се извиниме на навивачите и претседателот за нашиот настап против Промитас. Елиминацијата е неприфатлива и ветуваме дека ќе ја промениме играта во наредните натпревари, се вели во соопштението на играчите.

Позицијата на тренерот Аргирис Педулакис не е компромитирана бидејќи тимот има солиден учинок во Евролигата, четири триумфи на седум натпревари. Следен ривал на ПАО е тимот на Алба, меч кој ќе го одигра на домашен терен во четврток во 20 часот.