ВИДЕО/„Чипираниот“ мајмун на Маск телепатски ја играше играта користејќи го својот мозок

1816

Стартап компанијата на Илон Маск објави видео запис на кој се гледа мајмун како игра едноставна видео игра откако му биле вградени импланти засновани на нова технологија.

На снимката од Невралинк во траење од три минути се гледа Пагера, машки макаки мајмун со чипови вградени на двете страни на мозокот, додека игра „ Mind Pong“. Иако бил обучен да игра со џојстик, тој дел од конзолата сега е исклучен. Тој ги контролира движењата во играта размислувајќи да ја помести раката нагоре или надолу, пишува Ројтерс.

„Првиот производ на Невралинк ќе им овозможи на луѓето со парализа да контролираат паметен телефон побрзо отколку што некој може да ги користи прстите“, објави вчера Маск на Твитер.

Подоцнежните верзии треба да им овозможат на параплегичарите повторно да одат, објави Маск.

„Уредот е изграден во согласност со черепот и се полни безжично, така да изгледате и се чувствувате сосема нормално“, рече тој.

Невралинк ги евидентира и декодира електричните сигнали од мозокот на мајмунот користејќи две илјади електроди вградени во делот на мозокот што ги координира движењата на рацете, се вели во видеото.

„Користејќи ги овие податоци, ние го калибрираме декодерот со математичко моделирање на врската помеѓу моделите и нервната активност и различните движења на џојстикот што ги произведуваат.“

Невралинк е основана во 2016 година во Сан Франциско, а нивниот план е да всадат безжични чипови во мозокот за да се помогне во лекувањето на невролошки состојби како што се Алцхајмеровата болест, деменција и повреди на ‘рбетниот мозок и да го поврзе човештвото со вештачката интелигенција.