ВИДЕО/Се заниша 300. метарски облакодер во Кина, паника меѓу луѓето

183

Еден од највисоките кинески облакодери, што се наоѓа во Шенжен на југот на земјата, беше евакуиран во вторникот откако почна да се ниша, па луѓето во паника избегаа на сигурно.

Зградата „СЕГ плаза“ висока речиси 300 метри денеска необјасниво почна да се ниша, по што следеше итната евакуација. Кулата е именувана според производителот на полупроводници и електроника Шенжен електроникс груп, чии канцеларии се наоѓаат во таа зграда. Според Советот за високи згради, таа е 18-та највисока кула во Шенжен. Завршена во 2000 година, во срцето на еден од најбрзорастечките градови во Кина, кулата е дом на еден од најголемите пазари за електроника и има бројни различни канцеларии.

Агенцијата за управување со вонредни состојби истражува што го предизвикало нишањето на облакодерите во округот Футијана.

„По проверка и анализа на податоците на различните станици за следење на потреси на земјиштето во градот, заклучено е дека денеска немало земјотреси во Шенжен. Причината за движењето ја проверуваат и други оддели“, се вели во првичното соопштение.

Уривањето на зградите не е невообичаено во Кина каде градежните стандарди се слаби, а поради брзата урбанизација, изградбата понекогаш се одвива набрзина. Засега не е познато што ќе стори Владата во врска со зграда од оваа големина, во град со 12 милиони жители.

Кинеските власти лани забранија изградба на облакодери повисоки од 500 метри.