Додека ја слушате “Љубов без крај“ имате неописливо чувство како да се лулкате на морските бранови под топлото сонце на Медитеранот. Пејачот на “Тајфата“ Владимир Богоески во својот специфичен глас ја има онаа слатка нота која е обоена со боите и мирисот на широко сино море, гласот кој го споредуваат со гласот на славниот Драгојевиќ. Сега јасно ви е за што ви зборувам, раскажува Александар Тренчовски кој свири на пијано

(Дуле Миќиќ)

Иако сме целосно во пандемија со коронавирусот, а естрадата страда како никогаш, сепак има такви ретки ѕверки кои во цело ова време-невреме работат, снимаат нови песни, нови спотови. Дали се граничи тоа со храброст, со лудост, со инатење на ситуацијата или… тие што снимаат и пркосат на инфекцијата како да го живеат некој свој детски сон не сакајќи да се помират со реалноста… Но ова не се случува било каде, туку тука кај нас на нашата македонска естрада. “Тајфата“ е нашата доволно популарна поп група која  сними нова песна,a  која има и свое видео издание.

Весникот ВЕЧЕР/vecer.press го имаше ексклузивното право да биде на снимањето и да ја долови атмосферата иако оптеретена со пандемијата, сепак волјата за работа не изостана ниту кај еден од членовите на “Тајфата“.

–Пукнавме веќе по дома, свесни сме за лошата ситуација, но ние членовите на “Тајфата“ си дадовме збор, се собравме, направивме нова песна и нов спот, вели за весникот ВЕЧЕР Александар Тренчовски кој свири на пијано (она белото во спотот).

0 Зошто е насловот на песната “Љубов без крај“?
-Токму затоа што песната и спотот премиерно ги обелоденуваме на денешниот Ден на жените – 8 Март. Посветена е на припадничките на понежниот пол, нашата љубов, љубов на мажите која нема крај кон нив. Иако низ текстот кој го напиша Сара Пројковски акцентот е ставен на таа стандардна љубовна приказна помеѓу жената и мажот, сепак одлично се совпаѓа со 8 март, нели? Секој кој ја слушнал не останал рамнодушен, открива Тренчовски.

0Не отстапивте од вашиот медитерански стил, честопати пејачот на “Тајфата“ го споредуваат со легендарниот Оливер Драгојевиќ?
-Така е, тоа е таа музика која никогаш не умира, тоа е тој вечниот Медитеран вечната инспирација. Пејачот на “Тајфата“ Владимир Богоески во својот специфичен глас ја има онаа слатка нота која е обоена со боите и мирисот на широко сино море. Па, додека ја слушате “Љубов без крај“ имате неописливо чувство како да се лулкате на морските бранови под топлото сонце на Медитеранот.

Сега јасно ви е за што ви зборувам, а тоа значи дека песната не може да не успее. Едноставно е сè, сè што е создадено како медитерански поп-шлагер-балада тоа дава за право да биде омилено, слушано кај публиката. Впрочем, како што се омилени и песните на легендарниот Оливер и песните на редица други пејачи од Далмација и пошироко, од Италија, Шпанија или Грција… И не само пејачот, тука е покрај мене и одличниот саксофонист Живко Чиртовски. Сите ние сме дипломирани професионални музичари.

0 Како успеавте да најдете време и простор за снимање на спотот бидејќи тоа е сега, на некој начин, невозможна мисија за сите музичари во корона ситуација?
-Не прашувајте, ние си знаеме како се измачивме. Но бевме ептен упорни. Сакале-неќеле моравме да ги запазиме сите здравствени протоколи, сите здравствени мерки. Внимаваме на секој детал, хигиената беше на многу високо ниво, па секој час трчавме под топла вода да ги миеме рацете или да правиме тотална дезинфекција на просторот во кој снимавме. А, снимавме во прекрасниот луксузен амбиент на хотелот “Double Tree by Hilton“ и во продукција на „Тајфата продакшн“.

0 Видов дека спотот е збогатен и со уште неколку други интересни ликови, ќе ни откриеш за кои личности станува збор?
-Да, тоа е таа интересна шареноликост на спотот во кој настапуваат и Пламенка Трајковска (гудачки квартет 3 виолини и 1 виолончело), д-р Горан Младеновски на гитара, а на кого музиката му е втора љубов после медицината, балерината Мила Ниновска од НОБ која ја носи прекрасната креација на Ношпал и Илија Волчески актер во прилепскиот театар.

Така што можам слободно да кажам дека се собравме екипа која сработи одлично дело, функциониравме совршено. Само да се погледневме знаевме што сакаме. Кога песната е добра, предобра, каква што е “Љубов без крај“, тогаш инспирацијата ни е максимална.