Ветувањата држат вода дур завршат изборите!

34

На четири месеци пред локалните избори се загреваат партиските машинерии, во партиските штабови се калкулира со имињата за градоначалници и оние кои ќе се најдат на советнички листи, се мери пулсот за секој гласач. Но, додека партиските војници си ја тераат агендата, граѓаните мака мачат со секојдневните проблеми, кои секоја гарнитура наназад им ветува дека ќе ги исполни пред изборите. Таа предизборна реторика најчесто се заборава штом ќе се „грабне“ власта, па граѓаните остануваат со куси ракави.

Таков пример е селото Чифлик во општина Чешиново-Облешево, каде што жителите не можат да го решат деценискиот проблем со водоводна мрежа и канализација, иако во минатото, тие проекти биле дел од голем број партиски програми. Но, ветувањата останале само на хартија. Поучени од тоа, жителите излегоа на предупредувачки протест и ја блокираа едната коловозна лента на магистралниот пат Кочани – Штип, со порака: „Ако не добијат водовод и канализација, нема да излезат на избори“.

На протестот истакнаа дека веќе изгубиле верба во партиите, бидејќи во изминатите дваесетина години повеќепати реагирале кај сите градоначалници од различни политички опции, но проблемот никој не им го решил, поради што се заканија дека нема да излегуваат на избори.

-И ние имаме право на основни услови за живот. Живееме во 21 век, а немаме ниту водовод, ниту канализација. Никој од градоначалниците не се зафати со решавање на проблемите. Не излегуваме на избори веќе, независно дали се локални или парламентарни. До 2015 година кога беа поплавите нашето село беше поплавено. После тоа сите надземни води се измешаа со подземните, фекалните, и од тогаш водата е загадена. Имаме пумпи но никој не смееме да пиеме бидејќи е загадена, изјави Фиданчо Јанев, жител на селото Чифлик. Тој вели дека со вода за пиење се снабдуваат од сопствени пумпи, но прашање е колку таа вода е технички исправна за користење.

-До пред 2015 година кога имаше големи поплави, водата донекаде беше во ред, но оттогаш подземните извори се измешаа со фекалните води, се загадија и премногу голем ризик е да се користат за пиење и готвење. Принудени сме да купуваме пакувана вода или да полниме во Кочани и другите соседни места. Со нас на протестот се и претседателите на месните комитети на двете најголеми политички партии и ги информиравме дека во селото не ни се потребни кампањи за избори. Кога ќе го решат проблемот, тогаш нека доаѓаат, истакна за локалните медиуми Фиданчо Јанев.

До пред три децении Чифлик било село со најразвиена инфраструктура во тогашната општина Кочани, но по влегувањето во сегашната општина останало заборавено од локалната власт. Тоа е главната причина што младите полека се иселуваат.

-Единствено на што обрнуваат внимание се партиските вработувања. Па парите што ќе се обезбедат за решавање на комуналните проблеми, тие се злоупотребуваат. Срамно е да не се покрене постапка за одговорност 20 години. Пари се обезбедуваат, но од инвеститорите обично доаѓа човек фирма, се гради спротивно на законот за градба. Не е изградена и прочистителна станица, цевките не се соодветни, вели Ване Николов.

Жителите на Чифлик нагласија дека повеќепати поднесувале барања до Општина Чешиново-Облешево да им ги реши основните комунални проблеми, но добивале одговор дека не се обезбедени финансиски средства. Тие се сомневаат дека локалната самоуправа може да добие некаква поддршка, бидејќи поради неодговорното однесување претходните проекти не биле завршени успешно.

И во тетовско дел од граѓаните дигнале раце од партиите, па се јави независна листа кандидати, граѓански активисти здружени во Иницијативата „Подобро за Тетово“, во која досега се вклучени 30-ина активисти на граѓанското општество, здружени заедно со професионалци од разни области, кои се одлучиле да го дополнат нивното вонинституционално дејствување.

-Ние сме денеска тука за да ви ја презентираме нашата иницијатива за кандидирање и листата за Советот на општина Тетово, на локалните избори, кои ќе се одржат во октомври. Ние сме луѓе од граѓански сектор, луѓе со различни професии. Знаеме во каква состојба се наоѓа нашето Тетово, колку е деградирано и ние сакаме да ги претставиме сите проблеми внатре во Советот на општина Тетово, рече Хамди Сулејмани, граѓански активист.

Иницијативата #Подобро за Тетово е независна од политичките партии и ќе се залага за заштита на интересите на граѓаните, истакнаа активистите.

-Ние сме отворени за сите граѓани на Тетово, кои се истомисленици на нашата иницијатива. Важно е сите тие кои мислат како нас и сакаат промена во општеството и во самата општина да ни се придружат. Многу е важно дека самите граѓани ќе се совпаднат со нашите вредности, кои се пред сè отчет и транспарентност, но и други области, истакна Мерита Максути.  Од Иницијативата #Подобро за Тетово упатија покана до сите граѓани за здружување за општо добро. (E.A.)