Ветото боли, Бугарија ќе почувствува на сопствена кожа!

Холандија го блокира влезот на Бугарија во Шенген-зоната и нема да дозволи нејзините граѓани да можат слободно да патуваат во Унијата. Според Хаг, „прерано” е да се постигне согласност за пристапување на Бугарија сè додека земјата нема ефективно владеење на правото и не се справи со корупцијата и организираниот криминал. Официјална Софија бурно реагираше на ваквата одлука. Бугарската еврокомесарка Марија Габриел порача дека кога се исполнети критериумите, земјите членки треба да донесат соодветна одлука, за што Бугарија нема слух во случајот со македонските евроинтеграции. Токму официјална Софија со истиот метод - вето е кочничар на патот на Македонија кон членство во Европската Унија, со барања кои немаат никаква допирна точка со Копенхашките критериуми

150

Холандската влада во петокот одлучи да прифати Романија и Хрватска да се приклучат на Шенген-зоната и нејзините граѓани да можат слободно да патуваат во Унијата, но го блокираше влезот на Бугарија бидејќи смета дека не ги исполнува потребните услови за пристапување кон овој договор. Холандскиот министер за надворешни работи Вопке Хоекстра по состанокот изјави дека сè уште е „прерано” да се постигне согласност за пристапување на Бугарија. Според него, Холандија може да го преиспита прашањето само кога ќе стане јасно дека Бугарија има ефективно владеење на правото и држава способна да се справи со корупцијата и организираниот криминал. Тоа предизвика гневни реакции кај бугарските власти, иако конечната одлука на ЕУ ќе биде донесена на 8 декември. Сепак, повеќето земји веќе ја донесоа својата одлука. На состанокот министрите мора да постигнат едногласен договор за прием на нови земји, исто како и во случајот со проширувањето на ЕУ каде што Бугарија ја блокира Македонија, што значи дека дури и Холандија да е единствената што ќе гласа против, Бугарија нема да добие дозвола за приклучување.

Холандскиот премиер Марк Руте на прес-конференција изјави дека одлуката да не се поддржи влезот на Бугарија во Шенген не е политичка,туку се заснова на факти. Според него, Холандија не е единствената земја која има сомнежи во врска со ова прашање. Тој смета дека пристапувањето на Бугарија во Шенген зоната може да предизвика прилив на илегална миграција, став кој според холандскиот премиер го дели и Австрија.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, изјави дека не е фер само Бугарија да биде оставена надвор од Шенген, а да се вклучат сите останати земји од ЕУ. Наместо европска солидарност, Бугарија добива цинизам, порача Радев.

-Неодамна тројца бугарски полицајци загинаа чувајќи ја надворешната граница на Европската Унија. Премиерот на Холандија, Марк Руте, недозволиво предложи оваа граница да се помине за 50 евра. Наместо европска солидарност, Бугарија добива цинизам!, напиша бугарскиот претседател на Фејсбук.

Бугарската еврокомесарка Марија Габриел исто така ја коментираше одлуката на холандскиот премиер Марк Руте, Хаг да не го поддржи влезот на Бугарија во Шенген. Таа истакна дека кога се исполнети критериумите, земјите членки треба да донесат соодветна одлука и изрази надеж дека има уште време до 8 декември, кога Европскиот совет треба да ја донесе конечната одлука. Габриел порача дека ЕК цврсто застана зад трите земји – Бугарија, Романија и Хрватска и оти „искрено се надева дека во оваа ситуација нема да се користат аргументи за кои нема место во оваа дискусија“.

Македонскиот шеф на дипломатијата, пак, Бујар Османи, коментирајќи го ветото за официјална Софија од Холандија за шенген-зоната, рече дека ова е порака и до нашите граѓани дека не постои конспирација кон Македонија од ЕУ.

– Прашањето на консензус во донесувањето на одлуките овозможуваат на секоја држава да има свој став, да ја задржиме комуникацијата со сите земји членки, да имаме добар однос, тоа и го правиме. Успеавме да ја надминеме оваа блокада и следните предизвици со кои ќе се соочиме, изјави Османи.

Токму официјална Софија со истиот метод – вето е кочничар на патот на Македонија кон членство во Европската Унија. Со барања кои немаат никаква допирна точка со Копенхашките критериуми, Бугарија со својот глас во Брисел ја држи земјава во заложништво. (В.С.Н.)