Шпанецот Родриго Коралес  е нов голман на унгарскиот Веспрем. Тој меѓу стативите ќе застане од наредната сезона, а би требало да биде наследник на Арпад Штербик. Договорот на поранешниот голман на Вардар истекува на крајот од годинава, а Веспрем не само што не размислува за продолжување на соработката, туку и веќе го договори неговиот наследник.

Шпанскиот весник „Марка“ објави дека Коралес веќе ги договорил сите детали, тој ќе потпише договор со Веспрем до 2024 година, а официјалната промоција се очекува во текот на овој месец. Шпанецот решил да си замине од ПСЖ, каде не доби шанса како прв голман ниту по пензионирањето на Тиери Омејер.

Што се однесува до Штербик, тој најави дека без оглед на истекот на договорот со Веспрем нема намера да ја заврши кариерата.